36. Поетска ноќ во Велестово од 16 до 18 август

Од 16 до 18 август на локации во Велестово и Охрид ќе се одржи 36-то издание на поетскиот фестивал Поетска ноќ во Велестово.

Организаторите најавија дека годинава со поетски портрет ќе биде претставено творештвото на Елизабета Баковска, а во интернационалната програма ќе гостуваат поети од шест земји, Велика Британија, Ирска, САД, Хрватска, Србија и Македонија.

„Од годинава, за наредниот 4-годишен циклус имаме неколку концепциски промени, имено, наместо преку беседа, творештвото не поетот во фокус ќе биде претставувано преку разговор, во дослух со современите трендови. Исто така, се воведува настанот ‘Поетско интермецо’ преку кој странските поети ќе имаат можност да читаат и пред публиката во Велестово, а не само во Охрид“, истакна програмската директорка на фестивалот, Јулијана Величковска.

Годинешното издание ќе биде отворено на 16 август од 21 часот на сретсело во Велестово со „Езеро“ ‒ мал музички концерт на хрватската кант-авторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ.

Потоа, најавен е поетскиот портрет на Елизабета Баковска, како и настанот „Поетско интермецо“. Вечерта ќе биде затворена со изложбата на фотографии „Паметници на заборавот“ од Сашо Димоски, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“.

На 17 август пак, со почеток од 19 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање „Мозаик“ на кое ќе настапат Патрик Котер Од Ирска, Фиона Сампсон од Велика Британија, Иван Херцег од Хрватска, Марко Ѓорѓевиќ од Србија, Минг Ди од Кина/САД, Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски и Христина Цветаноска од Македонија, а по читањето, публиката ќе може да проследи уште еден настап на Нина Ромиќ и Јелена Галиќ.

Фестивалот ќе заврши на 18 август со организрано разгледување на културно-историското наследство на градот Охрид и природните убавини на планината Галичица, придружено со неформални поетски читања.