Петтото издание на „Галичник филм фестивал“ свечено ќе се отвори на 1 август

На 1 август (четврток) започнува петтото издание на „Галичник филм фестивал“ во срцето на Бистра, каде „воздухот е свеж, а природата го буди секое сетило“, а ќе трае до 4 август (недела).

„Ова не е само филмски фестивал, туку вистинска магија на големиот екран која ги спојува љубителите на филмот од регионот“, се вели во соопштението за фестивалот.

Во овогодинешната програма селектирани се 28 краткометражни филмови, кои доаѓаат директно од престижните филмски фестивали како што се Канскиот филмски фестивал, Венецијанскиот филмски фестивал, Торонто Филм Фестивал, Санденс, Локарно и многу други. Целата програма на фестивалот е бесплатна.

„Овие филмови, кои претставуваат богатство на жанрови и приказни, ќе ве однесат на патување низ различни култури и емоции“, додаваат организаторите.

Откако „Галичник филм фестивал“ свечено ќе се отвори, ќе настапат „Скопје Брас Квинтет“, кои како дел од проектот „Филмско-музичка Фузија“ ќе отсвираат  новокомпонирана музика на познати филмски сцени.

„Во текот на четирите дена, покрај филмските проекции, посетителите ќе имаат можност да учествуваат во различни активности – дискусии со режисери и актери, работилници, и многу повеќе. Љубителите на културата ќе можат да ги истражат и историските и културните знаменитости на Галичник, да уживаат во локалната гастрономија и да се поврзат со природата“, наведуваат од организацијата.

Како дел од жири комисијата оваа година се актерот Ѓорѓи Јолевски, режисерката Тамара Котевска, филмскиот монтажер Мартин Иванов и кинематографот Џин Дакар.

Исто така, во рамките на фестивалот ќе се одржи и балканската работилницата за краткометражни сценарија под водство на Дејан Дуковски. Избрани се 5 проекти во развој од земјата и регионот.

Фестивалот е поддржан од Агенција за Филм на Македонија и Министерство за култура и туризам.

Целосна програма на „Галичник филм фестивал“