Гласен синдикат: Грубо прекршување на работничките права во неколку градови во Македонија

Гласен синдикат и Здружението за заштита на работничките права „Гласен текстилец“ од Штип изразија загриженост поради, како што велат грубото прекршување на работничките права низ целата држава и упатија јавен апел до премиерот Христијан Мицкоски за итна средба на која тие би ги образложиле барањата и проблемите со кои се соочуваат работниците.

Активни случаи на грубо прекршување на работничките права, од Гласен синдикат велат дека во моментот има кај правни лица низ градовите Штип, Битола, Македонски Брод, Македонска Каменица и Свети Николе

„Во Штип еден работодавач започна да работи и во недела иако истиот според Законот за работните односи е ден на неделен одмор, согласно чл. 134 ст. 2 од Законот. Во индустриската зона во Штип, бидејќи имаме членови кои се дел од Гласен синдикат, ни беше јавено дека има грубо прекршување на работничките права, како што е воведување на 10 часовно време“, информира синдикатот.

Тие тврдат дека реагирале веднаш и неправилностите биле отстранети.

Додека пак, работници во Македонска Каменица, како што наведуваат оттаму, се пријавени на 2 часа иако работат 8, а три пати во неделата работат и по 11 часа.

Во Свети Николе еден работодавач бидејќи имал регистрирано две фирми, работниците ги префрла од една во друга фирма и договорот за вработување го трансформирал од договор на неопределено време во договор на определено време, посочуваат од „Гласен текстилец“.

„Работниците се членови на СТЧК кој е дел од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), немаме наши членови, но сепак е побарано правна помош и совет од наша страна. Упатуваме апел до ССМ да ги проверат договорите и дали е направена манипулација и злоупотреба на работничките права, а потоа да побараат и нивно раскинување. ССМ и СТКЧ имаат одговорност пред своите членови кои секој месец издвојуваат членарина за синдикат кој треба да има слух за нивните проблеми“, апелираат од синдикатот.

Од друга страна, тие велат дека во Битола постои работодавач кој ги заклучува работниците и им дава постојана прекувремена, а неевидентирана и неплатена работа.

Дополнително, од синдикатот посочуваат дека овој тренд на прекршување на работничките права загрижува, особено по изјавите и барањата на Стопанската Комора од каде бараат, како што велат, намалување на правата на работниците, односно покренатата иницијатива за враќање на недела да биде работен ден.

„Иако, ние како Здружение за заштита на работничките права ‘Гласен Текстилец’ – Штип и како Гласен Синдикат на работниците се изборивме за законска измена со што нашето барање беше усвоено за недела да биде ден на неделен одмор како што е согласно чл. 134 ст. 2 од Законот за работните односи“, додаваат оттаму.

Оттаму велат дека е важно и да се напомене дека новата влада и премиерот остваруваат средби со работодавачите каде се разговара за помош и поддршка на приватниот сектор, а во врска со заеми, кредити и директна финансиска помош. Од синдикатот велат дека се согласуваат со ова, но само доколку има контрола на таа помош и поддршка.

„За да не ни се случат злоупотреби како што се случија со шесте пакети на економски мерки во корона кризата, каде народните пари делумно завршија во џебовите на одредени работодавачи, а не како плати за работници“, истакнуваат тие.

Евидентно е дека одредени организации на работодавачи на истите средби единствено бараат укинување на недела неработен ден, а со тоа и помали права на работниците, сметаат од синдикатот.

„Од друга страна, пак, не се слушнати барањата на работниците и проблемите со кои се соочуваат истите. Затоа упатуваме јавен апел до премиерот Христијан Мицкоски за средба во која би ги образложиле барањата на работниците и проблемите со кои се соочуваат. Имено, доколку продолжи овој тренд на ниски плати, непочитување на законите и никаква одговорност, забележуваат тие, ниту странските работници кои доаѓаат и си заминуваат, ниту пак пензионерите кои работат на ‘црно’, нема да ги потполнат местата во реалниот сектор. Напротив, како што посочуваат, ќе слушаме за масовни иселувања и постојани отворени работни места кои не можат да се пополнат“, нагласуваат од Гласен синдикат.

„Го повикуваме премиерот Христијан Мицкоски како и министрите конечно да ја слушнат страната и на работниците од приватниот сектор од кои зависи економијата на една држава, овие пракси да бидат надминати, а се надеваме дека тоа ќе го направиме преку социјален дијалог со новата влада за да бидат донесени конкретни решенија за сузбивање на проблемите и конечно добробит на оние од кои сите зависат-работникот од реалниот сектор“, поентираат оттаму.

Исто така, тие ги повикаа сите работници масовно да се зачленат во синдикатот, бидејќи, како што велат, конечно постои синдикат кој секогаш ќе стои рамо до рамо со работникот и кој ќе има слух за конкретниот проблем на работникот.