Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) објави повик за втора генерација млади новинари и студенти кои ќе бидат учесници на едногодишна обука за истражувачко новинарство.
Можност да бидат дел од оваа програма, како што велат од БИРН ќе добијат десет кандидати.
„Тие ќе минат низ серија обуки и со помош на ментори од БИРН ќе ги изработат своите први истражувачки стории, за што ќе добијат финансиска поддршка. Во рамките на едногодишната обука, која ќе трае од септември 2024 до август 2025, планирано е учество на четири дводневни обуки, а целиот процес ќе биде заокружен со мини-летна школа за истражувачко новинарство“, велат од БИРН.
Обуките ќе ги држат искусни новинари кои на групата десет одбрани студенти или новинари почетници ќе им бидат и ментори до завршувањето на сториите, а од избраните кандидати, како што велат, се очекува да го применат стекнатото знаење во изработка на новинарски стории.
„Пет стории изработени од еден или од група учесници ќе бидат објавени на www.prizma.mk. За секоја од нив е предвиден хонорар. Завршната летна школа ќе се одржи во текот на летото 2025 и ќе биде посветена на достапните алатки и техники за истражувачко новинарство. Сите обуки ќе се одржуваат надвор од Скопје“, посочуваат од БИРН.
Сите детали за обуката се достапни на следниов ЛИНК.