Демонстрации во Србија против рудниците за литиум, најава за радикализација на протестите

Неодамнешната одлука на Владата на Србија да одобри продолжување на проектот за изградба на рудникот за литиум во долината Јадар, кој беше стопиран пред две и пол години, предизвика протести во централна Србија, пренесува Би-Би-Си на српски јазик.

Плашејќи се дека проектот на британско-австралиската компанија Рио Тинто во западна Србија непоправливо ќе ги загади водата и почвата, еколошките активисти и граѓани изминатите седум дена излегоа на улиците во повеќе од 10 градови и општини во земјата.

Во 2022 година, под притисок на масовните протести, Владата на Србија го запре проектот на компанијата Рио Тинто, вреден 2,4 милијарди долари.

Меѓутоа, во јули Уставниот суд на Србија пресуди дека властите во Србија на тој начин ги пречекориле своите овластувања, а на 16 јули владата донесе нова уредба со намера да ѝ се врати правниот поредок на државата „во состојбата пред да се донесе одлуката која е прогласена за неуставна“.

Од 22 јули, протести се одржуваат во Ваљево, Лозница, Гроцка, Коцељева, Неготин, Ариље, Богатиќ и Крупањ. Додека пак, од понеделник, и жителите на Шабац и Аранѓеловац се приклучија кон барањата за прекин на ископувањето на литиум.

„Тука сме да ги браниме нашите реки и воздух. Тоа им го должиме на нашите предци и потомци. Нема врска со политика, туку со здравиот разум и природата. Не веруваме во приказните дека тој рудник може да биде и еколошки и профитабилен, не ни треба таков профит. Се надевам дека ваквите собири можат да сменат нешто“, вели Ања Петровиќ, 42 годишна жена од Шабац.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Kreni- Promeni (@kreni.promeni)

На улиците во Шабац од слични причини е и Милан Старчевиќ, од блиското село Мајур.

„Бев во Лозница на 28 јуни, Видовдан, бидејќи тоа го сметам за моја должност. Кога ќе видиме дека функционира во Германија, можеби ќе размислиме“, накратко додава тој.

Алијансата на еколошки организации на Србија претходно ѝ даде рок на владата до 10 август законски да го забрани ископот на литиум и бор, потсети на протестот активистката Љиљана Браловиќ.

„Доколку ова не се почитува, ќе почнеме да ги радикализираме протестите и блокадите“, им рекла Браловиќ на насобраните, пренесува агенцијата Бета.

Министерството за рударство и енергетика претходно објави дека на територијата на Аранѓеловац, Топола, Рача, Книќ и Крагуевац се активни само шест полиња за истражување, „десет пати помалку од погрешно наведената бројка од одредени таканаречени активисти кои закажале протести против литиумот, рударството“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Eko Straža (@ekostraza)

Во тие општини се истражува мермер, гипс, технички и градежен камен, а не критични минерални суровини во кои спаѓа и литиумот, се вели во соопштението.

Сепак, литиумот не е единствената причина поради која граѓаните се на улица – демонстрантите укажуваат на други еколошки проблеми во нивните градови, како што се загадувањето на воздухот, реките и езерата, како и депонирањето на отпадот.

Токму таков е случајот во Неготин, на истокот на Србија, каде во петокот, на 26 јули, граѓаните се собраа на протест против загадувањето на воздухот предизвикано од честите пожари на градската депонија.

На протестот под слоганот „За чист воздух“ се приклучија и на демонстрациите против ископувањето на литиум.

„Првенствено го кренавме гласот против локалните проблеми, но секако многу нè интересира што се случува на западот на земјата“, вели 29-годишната Анѓела Лазиќ од новата еколошка организација „Неготинци во акција“.

Повеќе од 3.000 луѓе се собраа во петокот во Лозница, во близина на местото каде што е планирано отворање на рудникот за литиум, соопшти организацијата Архив на јавни состаноци.

Еден месец претходно, во тој град се одржа „Свелитиумски собор“, односно национален собир против рударството.

Насобраните побараа усвојување на закон за забрана на геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор, а најавија и блокада на „клучните точки“ и „железниците“ во Србија доколку барањето не се исполни во рок од 40 дена.

Дополнително, организациите „Крени промени“ и „Еко стража“ закажаа протест во Белград за 10 август.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Kreni- Promeni (@kreni.promeni)