ИЈЗ: Доењето во јавност не треба да се цензурира

Поддршка на жените да дојат во секое време, да се нормализира и да не се цензурира доењето во јавност, ефективни породилни права кои не ги принудуваат жените да бираат помеѓу семејството и професијата, обучени здравствени работници кои можат да пружат почит, помош и поддршка на жените кои дојдат и крај на експлоататоски промоции на бебешко млеко во секој контекст.

Ова се некои од работите кои ги препорачува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во однос на поддршка на мајките по повод светската недела на доење, која трае од 1 до 7 август. „Премостуваме разлики: поддршка за доење, за сите!“ е овогодинешната тема под која се одбележува неделата.

„Светската недела на доење започна со одбележување во 1992 година со годишни теми, вклучувајќи ги и здравствените системи, изработка на меѓународен кодекс за маркетинг за адаптирано млеко, поддршка од заедницата, екологија, економија, наука и образование, како и теми од човекови права. Од 2016 година Светската недела на доење е усогласена со Целите за оддржлив развој (SDG). Во 2018 година резолуцијата на Светското здравствено собрание ја одобри Светската недела на доење како важна стратегија за промовирање на доењето“, истакнуваат од ИЈЗ.

Според нив, поддршката за доење доаѓа во различни форми и облици.

„Со кампањата во светски рамки се опфаќаат сите мајки и нивните различности во текот на нивнотo патување во мајчинството и доењето, прикажувајќи ги начините на кои семејствата, општествата, заедниците и здравственитe работници можат да ги заштитат мајките доилки“, додаваат оттаму.

Оваа година, тие ставаат акцент на видливост на мајките кои дојат и порачуваат да се даде грижа и поддршка да бидат видени и слушнати и да ги споделат своите добри пракси за доењето и важноста на поддршката на повеќе нивоа.

„Светската алијанса за акција за доење (WABA), во текот на Светската недела на доење #WBW2024 ќе се фокусира на преживување, здравје и благосостојба, ќе ја покаже потребата од подобрување на поддршката за доење за да се намалат нееднаквостите што постојат во општествата со посебен фокус на доењето во време на итни случаи и кризи. Од суштинско значење е никој да не биде запоставен, особено мајките од ранливите заедници“, навестуваат од Институтот.

Како што велат тие, поддршката на жените кои дојат вклучува позитивни политики и ставови, систем за здравствена заштита прилагоден за жените и доењето, почитување на автономијата на жената и на нејзиното право да дои во секое време, каде и да е, како и солидарност од заедницата.

„Од 0 до 6 месечнa возраст хранење на доенчињата со мајчино млеко и ништо друго, им гарантира извор на храна кој е уникатно прилагоден на нивните потреби за хранливи материи, а истовремено е безбеден, чист, здрав и достапен без разлика каде се наоѓаат. Постојат активности кои сите може да ги преземеме, кои им помагаат на жените да дојат онолку долго колку што сакаат. Заштита, промоција и поддршка за доењето, адресирајќи ги нееднаквостите кои стојат на патот на одржливиот развој“, заклучуваат од ИЈЗ.