Венеција им забрани на туристичките водичи да користат мегафони и ги ограничи туристичките групи на 25 луѓе

Во Венеција се усвоени нови правила за големината на туристичките групи и е воведен забрана за користење звучници и мегафони за туристички водичи. Тоа е уште една од мерките во низата што градската власт на Венеција ги донесе во изминатата година, со цел да го заштити градот од преголемата посетеност, пренесува Данас.

Локалните жители ја поздравија одлуката, која има исклучоци за деца под две години, училишни групи и образовни и професионални патувања. Правилата важат и за островите Мурано, Бурано и Торчело.

Ограничувањето требаше да стапи на сила во јуни, но беше одложено бидејќи многу водичи веќе резервираа групни тури низ градот со групи од повеќе од 25 луѓе. Водичите кои ќе ги прекршат правилата може да се соочат со казни од 25 до 500 евра.

Забранета е и употреба на звучници, „кои можат да предизвикаат конфузија и нарушувања“.

Градската функционерка задолжен за безбедност, Елизабета Пешче, минатата година истакна дека политиката е насочена кон подобрување на движењето на групите низ историскиот центар на Венеција, како и островите Мурано, Бурано и Торчело кои масовно се посетуваат.

Венеција стана првиот град во светот кој воведе систем за влезни такси за туристите, во обид да го намали метежот за време на шпицот на туристичката сезона и за време на празниците.

Минатата година, Венеција за малку избегна да биде ставена на листата на УНЕСКО за „Светско наследство во опасност“, делумно поради тоа што телото на ОН ги препозна напорите на градот да спречи деликатниот екосистем на Венеција да биде обземен од масовен туризам.