Србија наскоро ќе го лансира првиот сателит во вселената

Србија се подготвува да го испрати својот прв сателит во вселената, пишува „Политика.рс“. Сателитот „Мозаик“ освен што ќе го набљудува Сонцето во доменот на рендгенските зраци, ќе ја снима и Србија оддалеку.

Планот е „Мозаик“ да биде лансиран кон крајот на 2025 или почетокот на 2026 година и да се задржи во орбитата две до три години.

Според научниот соработник на српската Астрономска опсерваторија во Белград – Милан Стојановиќ, споредната цел на мисијата е учење и совладување на сите техники – од набавка на компоненти до самото лансирање на сателити во вселената.

„Мозаик“ спаѓа во класата на мали сателити познати како „CubeSat“, со димензии 10х10х10 сантиметри, што колоквијално се нарекуваат коцка или наносателити.

„Спектрометарот за проучување на Сонцето ќе го купиме готов, но некои делови ќе ги направиме во Србија. Потоа треба да го собереме сето тоа и да потврдиме дека е подготвено за температурите во вселената. Мора да ги поминеме сите можни тестови пропишани според светските стандарди и дури потоа ќе можеме да го лансираме сателитот, со помош на некои од земјите кои ги обезбедуваат тие услуги“, рече Стојановиќ.

На овој проект кој е започнат пред околу две години заедно работат Астрономската опсерваторија, Машинскиот, математичкиот и електротехничкиот факултет од Белград, и Институтот „Михајло Пупин“.