Министерството за образование и наука (МОН) ги укина решенијата за одземање на надлежностите на градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски со кои тој можеше да именува и разрешува директори во основното општинско училиште „Александар Турунџев“ во с.Кукуречани, средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ и основното општинско училиште „Св.Климент Охридски“ во Битола.
Од Општина Битола велат дека надлежностите се вратени на барање на градоначалникот, а со цел да се овозможи непречено и законито вршење на работите од областа на средното и основното образование.
Надлежностите на градоначалникот му беа одземени од страна на претходниот министер за образование Јетон Шаќири.
„Ингеренциите на градоначалникот беа одземени од страна на поранешната централна власт само во делот на ангажирање на наставен кадар, именување и разрешување на вд директори, додека материјалните трошоци за гориво, превоз на ученици и друго за кои општината годишно само за основните училишта издвојува околу еден милион евра, не беа во интерес на поранешниот министер за образование и истите остануваат во надлежност на општината и во училиштата каде се одземаа ингеренциите“, се вели во официјалното соопштение на Општина Битола.
Претходното раководство на МОН ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на почетокот на годинава, во февруари. Тогашниот став беше дека тоа се случува со цел да се спречи политичко влијание врз вработувањата во училиштата како и дека немало трансформација на работен однос во траен на наставници кои ги исполнувале условите, за што, како што известуваше САКАМДАКАЖАМ.мк, ексминистерот критикуваше уште од почетокот на претходната учебна година.