Независна истрага за слоницата Дуња, увид во извештајот од белгиските ветеринари и итно затворање на ЗОО Скопје, бара „Анима Мунди“

Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ бара независна истрага од надворешни експерти за смртта на слоницата Дуња, увид во извештајот од ветеринарите од Белгија, како и итно затворање на зоолошката градина во Скопје.

„Денешната вест за трагичната смрт на една од слониците Дуња во скопската зоолошка градина повторно разбуди бес и загриженост за благосостојбата на дивите животни кои под параван на ‘едукација и забава’ се држени како затвореници во современа човечка творевина нималку слична на нивниот природен хабитат“, се вели во соопштението.

Според „Анима Мунди“, ова е како некоја невидена и нечуена шема на смрт. Оттаму сметаат дека се почесто низ годиниве наназад се случува класичен помор на дивите животни во ЗОО Скопје под неразјаснети околности и образложенија за кои јавноста е скептична и се сомнева дека позади сите овие трагедии се крие негрижа и неуспешно менаџирање.

„Бараме независна истрага од надворешни експерти за да се обезбеди објективност и темелност, да се утврдат основните причини за овој помор без разлика дали се поврзани со медицинска нега, услови за живеење или практики на управување“, истакнуваат тие.

Здружението, исто така, бара да биде даден на увид на јавноста извештајот од докторите по ветеринарна медицина од Белгија кои ја прегледале Дуња, но и итно да се затвори зоолошката градина во Скопје бидејќи, како што велат, условите не се во согласност со принципите на хуман и етички третман на животните и нималку се едукативни и забавни.

Слоницата Дуња од скопската Зоолошка била евтанизирана поради старост и болести