Зелен хуман град ќе поднесе иницијатива за мораториум на носење нови животни во Скопје ЗОО

По вчерашната вест за угинувањето на слоницата Дуња, советниците од Зелен хуман град (ЗХГ) соопштија дека ќе поднесат иницијатива до Советот на Град Скопје за мораториум на носење нови животни во скопската Зоолошка градина.

ЗХГ бара и затворање и трансформација на скопската Зоолошка градина во центар за рехабилитација и конзервација на диви автохтони видови, што воедно беше и дел од нивната изборна програма во 2021 година.

„Концептот на зоолошки градини, каде што животните се чуваат во заробеништво, а со цел забава и едукација мора да се напушти и да се премине кон нови концепти на едукација и запознавање на животинските видови, преку кои животните нема да бидат изложени на непотребно страдање, надвор од нивните природни живеалишта, во вештачки создадени услови“, стои во соопштението на ЗХГ.

Тие потсетуваат дека во последните две години угинаа двете жирафи Каспер и Флопи, имаше труење на три пржевалскиеви коњи и колење на 10 коњи за што подоцна беше образложено дека биле болни.

„Во сите овие случаи, никој не понесе одговорност, ниту имаше правна разрешница, освен разрешувањето на директорот Кристијан Стаменов во јули 2022 година. Животните се свесни битија и не заслужуваат да го поминат животот во заробеништво заради забава, во несоодветни услови, спротивни на нивната природа и потреби“, нагласуваат од ЗХГ.

Веста за смртта на слоницата Дуња вчера ја потврди Скопје ЗОО, со соопштение дека таа била евтаназирана поради старост. Од таму кажаа дека ваквата одлука била во консултација со тројца лекари од Белгија кои констатирале дека здравствената состојба на слоницата е влошена.

„Последнава година слоницата Дуња појавуваше симптоми на длабока старост и изнемоштеност и се констатираа повеќе здравствени проблеми кај Дуња, типични за шеестгодишна слоница. Дуња скоро и да не гледаше, имаше проблеми со вилицата и забите, а ден претходно беше направен преглед и констатиран е комплексен дентален проблем“, информираа оттаму.

За угинувањето на слоницата реагираше и здружението „Анима Мунди“ од каде побараа итно затворање на Скопје ЗОО.

Независна истрага за слоницата Дуња, увид во извештајот од белгиските ветеринари и итно затворање на ЗОО Скопје, бара „Анима Мунди“