Натпреварување за двајца: Бремените олимпијки го кршат табуто во Париз

Спортистите ги поместуваат границите на овогодишните Олимписки игри во Париз, додека нови истражувања покажуваат колку далеку можат да одат жените во спортот додека се во состојба на бременост, пишува „Еуроњуз“.

Многу олимписки спортисти своите подвизи, обиди, победи и тажни вести ги споделуваат преку социјалната мрежа Инстаграм. Откако заврши нејзиниот натпревар во мечување минатата недела, Египќанката Нада Хафез сподели и нешто повеќе. Таа откри дека за време на натпреварите била бремена во седми месец.

„Она што на вам ви се чини како да сме две натпреварувачки на теренот, всушност не е така, бевме три! Јас, мојата противничка и моето бебе што допрва треба да пристигне на овој свет“, напиша Хафез под нејзината емотивна фотографија направена за време на натпреварот.

Мајката (и нејзиното бебе) завршија на 16-то место, што е нејзин најдобар резултат на три Олимписки игри во кои има учествувано.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nada Hafez (@nada_hafez)

Еден ден подоцна, Јајлагул Рамазанова од Азербејџан која се натпреварува во категоријата стрелаштво, на Инстаграм откри дека е бремена веќе шест ипол месеци. Рамазанова за кинеската агенција „Чинуа њуз“ изјави дека пред да ја повлече стрелата почувствувала удар од нејзиното бебе и потоа го достигнала максималниот број поени.

И претходно имало бремени олимпијки и параолимпијки, но феноменот е редок од очигледни причини. Сепак, повеќето приказни се за спортистки кои се натпреваруваат во рана фаза на бременоста или додека сè уште не знаат дека се бремени.

„Ова е нешто што сè повеќе го гледаме. Жените го разбиваат митот дека не може да се вежба во подоцнежна фаза на бременост“, изјави д-р Кетрин Акерман, лекарка по спортска медицина и со-претседателка на работната група за женско здравје на Олимпискиот и Параолимпискиот комитет на САД.

Акерман забележува дека се познати малку податоци на оваа тема и поради тоа минатите одлуки за ова прашање биле произволни.

„Но, докторите сега препорачуваат доколку спортистките се во добра кондиција додека поминуваат низ бременост и доколку нема компликации, тогаш може безбедно да се вежбаат, тренираат и да се натпреваруваат. Исклучок може да се скијачки трки, каде ризикот е многу поголем“, вели таа.

Акерман додавадека одлуката не се должи само на физичка подготвеност, туку тоа е длабоко емотивно прашање.

„Одлучувањето дали и како да се натпреварувате додека истовремено се обидувате да создадете семејство е трнлив калкулус што машките спортисти едноставно не мора да го земат предвид, барем ни најмалку на истиот начин“, поентира Акерман.