Сицилијанци креираат уметнички дела од пепелта што ја испушта Етна по секое еруптирање

Вулканот Етна на италијанскиот остров Сицилија избувна минатиот викенд, исфрлајќи високи фонтани од лава и големи црни облаци од пепел и чад.

Тоа е најголемиот активен вулкан на европско тло и еден од најактивните во светот, а последниве пет години минува низ особено активен период.

За жителите во околните населени места честите ерупции значат секојдневна битка со слоеви црн пепел што густо ги покриваат улиците, автомобилите, терасите и градините. Многумина со часови ги чистат, но некои креативни жители пронајдоа начин како поинаку да ја користат пепелта.

Пред неколку години, некои луѓе започнаа да ги „преуредуваат“ купиштата пепел на нивните тераси во различни дизајни. Уметничките дела станаа вирални на социјалните мрежи и во италијанските медиуми. Уметницата Анџелика Антонела Финочио од Катанија од слоевите пепел направила облик на лице со отворени очи и брановидна коса.

„Ќе беше штета ако го исчистев само, секогаш кога ќе видев барем малку прашина размислував за сите слики што би можеле да настанат од тоа“, изјави таа за медиумите.

Друга објава на социјалните мрежи покажува како од пепел е креиран сицилијанскиот симбол познат како „Тринакриа“ со главата на медуза во ентарот и три свиткани нозе околу.

Во последните години има и локални уметници кои од пепелта прават трајни уметнички дела.

Џуси Минтенди прави уметнички дела кои се нешто помеѓу слики и скулптури, а кои таа ги нарекува „питоскулптураи“ pittoscultura).

Таа ги спојува пепелта и лапилите од еурпцијата со што постигнува богата текстура. Пепелта ја собира од својата градина и ги прашува пријателите да ѝ носат уште вреќи, а за поголеми камења оди до Етна.

Многу нејзини дела ја прикажуваат Етна како испушта лава и чад.

„Јас сум Сицилијанка и мојата земја ме негува мене. Моите уметнички дела се направени од пепелта на вулканот Етна. Јас сум како магма во континуирана трансофрмација“, изјавила таа.