*Оваа вест е дополнета.
На барање на Министерството за здравство, а по информацијата од Институтот за Јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи за појава на топлотен бран во траење од 3 дена и тоа во периодот од утре (12 август) до среда (14 август) Владата донесе мерки за превенција.
„Територијата на целата држава ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза и согласно Акциониот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението ќе се преземаат акции предвидени за ФАЗА 2 – ПОРТОКАЛОВО НИВО на топлотни бранови“, се вели во соопштението.
Согласно ова, Владата ги донесе следните препораки:
- Oслободување од работни обврски за најранливите групи на населението: бремените жени и лица на возраст над 60 години во периодот од 12.08.2024 до 14.08.2024 година (од понеделник до среда). Во истиот период, работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
- Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
- Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
- Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.