Хуманитарен настан „Пливање за инклузија“ на 14 август во Охрид

Македонскиот пливач во маратонско пливање Томи Стефановски организира хуманитарен настан „Пливање за инклузија“ по повод 15 годишнината од препливување на каналот Ла Манш на 14 август во 10 часот и 30 минути. Тој ќе започне да плива од хотелот Десарет во месноста Пештани до Црквата Св. Јован Канео и назад до Охридското пристаниште, траса долга 15 километри.

„Заедно со вас и вашата поддршка на многу деца и лица ќе им дадеме можност да ги достигнат личните потенцијали, да уживаат во благодетите од спортот, да имаат поисполнет живот и најважно од сѐ, да се чуствуваат прифатени и сакани“, истакнува Стефановски.

Тој укажува дека постои можност да се донира за подигнување на свеста и за креирање подобри услови за лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и физичкото образование.

Стазата по која Стефановски ќе плива во среда, 14 август

Инаку, на 14 август  во 2009 година, Стефановски го преплива каналот Ла Манш по повод 50 годишниот јубилеј од првото препливување на каналот од страна на Македонецот Нико Нестор (1958) и 40 годишнината од препливување на првата Македонка, Атина Бојаџи (1969). Тогаш, потфатот на Стефановски траеше 7 часа и 42 минути, резултат кој е 13-ти на вечната листа во 149 годишната историја на препливување на каналот.

Овој хуманитарен настан Стефановски го организира заедно со невладината организација „ИТК Македонија“ и Охридскиот Пливачки Маратон.