Веќе десет дена се гасне пожарот на Галичица – на социјалните мрежи се шират повици за доброволци

Петнаесет волонтери на Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвениот крст и алпинистичкиот клуб „Патагонија“ од Охрид заедно со девет припадници од ренџерската служба на Националниот парк Галичица, од самиот почеток на пожарот на Галичица се во постојана битка со огнената стихија која веќе 10 дена беснее во високо планинските предели.

Тие, како што посочи Антонио Додевски од ПСС, се поткрепени и со тимови на Територијалните против-пожарни единици (ТППЕ) Охрид и Ресен, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и со доброволци од локалното население.

„Во изминатите 10 дена тимовите се обидуваа да го стават под контрола пожарот во високо планинските предели на над 2000 мнв, каде пристапот е возможен само со пешачење од најмалку 2 часа, а во неколку наврати беа транспортирани и со хеликоптер на МВР. Големината на огнениот фронт, тешко пристапниот терен, неповолните временски услови како и големиот број на детонации од неексплодирани гранати, не дозволија локализација на пожарот во високата зона и полека истиот навлезе во буковите шуми на исток, запад и север“, вели Додевски.

Во последните три дена, волонтерите сместени во планинската куќа Спиридон, Додевски истакна дека се постојано на терен и 24 часа го контролираат развојот на пожарот со цел подготвување на подобар план за делување следниот ден.

Сателитски приказ за територијата опфатена од пожарот на Галичица преку Системот за информации за пожари и управување со ресурсите

„Во моментот, се делува со рачно обезбедување на заштитни појаси во шумските предели, со цел заштита на што е можно поголем шумски фонд, за што дополнително се вклучени и поголем број на доброволци планинари и ловџии од Охрид и Ресен. денес дејствуваа и два воздухоплови кои им помогнаа на тимовите во навистина тешката битка. Иако веќе исцрпени, волонтерите на Планинската спасителна служба, со целокупниот материјално технички капацитет на службата, со три теренски возила и едно специјално транспортно возило АТВ 6х6, како и со обезбедување на логистика во храна и вода за сите учесници во гасењето на пожарот, обезбедена од сопствениот скромен буџет и неколку компании донатори, остануваат на терен се до конечно гаснење на огнот“, рече Додевски.

Инаку, вечерва на Фејсбук се проширија и повици за доброволци за помош во гаснењето на пожарот. Фејсбук страницата „Охриѓани“ објави дека по консултација со ПСС, сите физички спремни доброволци можат да се пријават утрово во 7 часот кај планинарската куќа Спиридон, односно после црквата Св. Ѓорѓија на Галичица во правец кон Ресен, од десна страна, со свој алат, мотика или гребло.

Дополнително, на Фејсбук страницата е објавено и дека заинтересираните доброволци кои не се во можност да се упатат до планинарската куќа, можат да се пријават и пред пожарната во градот во 5 часот и 30 минути.