„Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска најдобра претстава на Меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“ во Ниш

Претставата на театарот „Златен Елец“ – „Кенди“, во режија и адаптација на Тамара Стојаноска е прогласена за најдобра на Меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“ во Ниш, Србија.

Жирито во состав Франко Унгаро, Наташа Гвозденовиќ и Ана Тасиќ, по изгледани шест претстави во натпреварувачката програма, одлучи, наградата за најдобра претстава подеднакво да им биде доделена на продукциите „Кенди“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска на театарот „Златен Елец“ (Северна Македонија) и „Големиот спектакл на крајот на светот“ на театарот „Ен Вол“ (Сардинија, Италија). Наградата за најдобро користена музика и припадна на претставата „Other People’s Shoes (A Place Where Empathy Lives)“, британско-српска копродукција.

„Претставата „Кенди“ се издвои по својата вистинитост која дава надеж во можностите на современиот театар, особено затоа што ја создадоа млади актери чија енергија е невообичаено разорна, посветена и заразна. Повремено ја преминуваат границата меѓу изведувач и гледач, вовлекувајќи не во просторот на играта, што нè прави посвесна, поангажирана публика, а тоа е особено важно бидејќи се работи за општествено важна и чувствителна тема. Музиката на Лука Тошев, која се изведува во живо, има деликатен интензитет, смисла за контраст, го зачувува просторот безбеден, со неизвалканата убавина во пеколот на зависноста, со која оваа претстава критички се занимава“, се наведува во образложението на жирито.

Ова е трета награда за „Кенди“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска. Претходно претставата ги освои наградите „Бранко Ѓорчев“ на истоимениот фестивал за дуодрама во Неготино и „Биш“ на фестивалот „Млад Отворен Театар“ во Скопје.

Во претставата играат актерите Бобан Алексоски и Лео Поповиќ, музиката е на Лука Тошев.

Повеќе за претставата и приказната на театарот „Златен Елец“ прочитајте во продолжение.

[Видео] Театар „Златен Елец“: Нешто што нѐ води е пасијата која ја имаме, не е само револтот