ЦУК: Активни се 12 пожари низ Македонија

Вкупно 12 пожари се активни низ Македонија, соопшти утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во текот на вчерашниот ден, имало вкупно 49 пожари, од кои 7 се под контрола, а 30 се изгаснати.

Активни пожари има кај Јасен – Белица каде гори борова шума, потоа кај селата Пресека и Цера каде гори борова шума и папрат, на Галичица – на исток во правец на селата Лескоец и Стење, односно на запад кон месноста Војтино и на север кон планинарска куќа, каде гори шума и нискостеблеста вегетација.

Пожар има и кај селото Дебреште кое се шири кон селата Рилево и Зрзе, како и кон селото Карпа каде гори нискостеблеста деградирана шума и сува трева. Борова и букова шума гори и кај селата Патеец и Козичино, односно пожарот е проширен кон селото Горно Крушје.

Пожар има и кај селата Зајас и Горно Строгомиште каде гори мешана шума, но и кај селото Врбен каде гори смрека и сува трева. Од ЦУК посочија дека пожар на ниска вегетација и деградирана шума има кај селата Полог, Брник, Ивени, Рапеш и Паралово, а гори и кај селото Острец, односно сува трева и густа мешана шума.

Нискостеблеста вегетација гори кај селата Пласница и Латово, додека пожар на мешана шума има кај селото Грешница. Пожар има и кај селото Ратковица кон Пониква каде гори мешана шума.