Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска во Европската куќа во Скопје потпиша Грант договор со Европската Унија за основање на првиот Национален центар за побезбеден интернет „MkSafeNet“.
Овој чекор, како што велат од Министерството за дигитална трансформација е дел од програмата Дигитална Европа, која предвидува вкупно 7.5 милијарди евра на ниво на целата ЕУ. Проектот ќе биде финансиран со грант од 673.354 евра од Европската Унија, дополнет со кофинансирање од Владата во износ од 10.788,800 денари за 2025 и 2026 година.
„Почнувањето на овој проект го одбележува нашиот решителен чекор кон создавање на побезбеден дигитален простор за сите граѓани на Република Македонија, особено за нашите најмлади. Во ерата на рапидна дигитализација, безбедноста на интернет не е луксуз, туку неопходност“, рече Андоновски.
„MkSafeNet“ ќе се реализира во текот на наредните 18 месеци и ќе вклучува студија со акциски план за конкретни обврски на секој од засегнатите чинители, формирање на Центар за подигнување на свесноста од заканите на интернет, телефон за помош , Младински панел и Советодавен одбор.
„Овој проект не е изолиран чекор, туку е дел од пошироката стратегија на Владата за дигитална трансформација на Македонија. Заедно со сеопфатните политички и стратешки документи и регулатива, центарот е камен во мозаикот на нашите заложби за реформи во процесот на вистинска дигитализација, евроинтеграции и претставува конкретен пример за тоа како соработката со ЕУ носи директни придобивки за нашите граѓани“, додаде Андоновски.
Проектот е целосно усогласен со „EU Digital Services Act“ и стратегијата „Better Internet for Kids“, што дополнително ја приближува земјата кон европските стандарди во дигиталната сфера, посочуваат од министерството.