8 милиони евра е разликата помеѓу избраните повисоки и отфрлените пониски понуди на тендерите за спомениците од проектот Скопје 2014, во периодот од 2008 до 2010, покажува вториот дел од ревизорскиот извештај што за општина Центар го изработуваат антикорупциските експерти Слаѓана Тасева и Драган Малиновски. Ова значи дека доколку спомениците биле изградени со договори доделени на фирми кои дале најевтини понуди, општината би заштедила 8 милиони евра.
Во ревизорскиот извештај се наведени бројни неправилности во процедурите и прекршувања на Законот за јавни набавки, како и фаворизирање на фирми. Во овие две години, двете леарници од Италија со ист сопственик, „Фердинандо Маринели“ и „Баѕанти“, ги добиле речиси сите зделки за изработка и леење на спомениците, иако тие имале поскапи понуди од конкурентите. Во исто време, Комисиите во општината ги исклучувале другите компании кои се пријавувале на овие тендери со нејасни и непотполни образложенија, покажува ревизијата. Во просек, избраните понуди биле за два и пол пати (150 %) поскапи од најниските.
Извештајот, кој го претстави антикорупционерот Малиновски, покажува и дека авторите на спомениците не поднесувале отчет за тоа како ги трошеле парите од договорите за авторски дела, кои биле склучени според непрецизни и нејасни пропозиции.
„Ова за мене се шокантни сознанија, кои ги надминуваат и најсмелите предвидувања. Фрапантен е податокот кој покажува дека можеле да се заштедат 8 милиони евра, само доколку не се фаворизирале овие фирми. Овде не се работи за градење, туку за крадење“, вели градоначалникот на Центар Андреј Жерновски.
Тој изрази жалење што премиерот Груевски и министерката за култура Канчевска-Милевска не се одзвале на неговата покана да дојдат на презентацијата на ревизијата и најави дека ќе го проследи извештајот до Јавното обвинителството.
И покрај тоа што првиот дел од ревизијата беше проследен до Обвинителството, а оттаму немаше никаква реакција, Жерновски вели дека „верува“ и се надева“ дека аргументите од ревизијата ќе бидат доволни за да биде покрената државна истрага за злоупотребите на „Скопје 2014“.
„Ќе мора да го тестираме нашето Обвинителство. „Беше многу попаметно да излезе овој материјал, па да можеме сите да се изјасниме за иднината на овие споменици. Сметам дека може да се искористат претстојните претседателски избори, за со помалку трошоци да спроведеме референдум по ова прашање“, вели Жерновски.
Паушални и смешни се информациите за наводно проблематично постапување со 8 милиони евра во општината Центар, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија го повикуваат Жерновски веднаш да поднесе кривични пријави против оние за кои смета дека ги прекршиле законите во врска со проектот „Скопје 2014“.
Ж.Н.