Средношколецот Сердар Цветков го освои првото место во Европа и петтото место во светот на глобалниот MOS натпревар

Заврши прекуокеанската авантура на македонските средношколци кои ја претставуваа Македонија на на светските првенства Microsoft Office Specialist (MOS) и Adobe Certified Professional (ACP), кои се одржаа во Анахајм, Калифорнија. Младите таленти се вратија дома со високи резултати, учестувајќи во конкуренција од над 130 натпреварувачи од повеќе од 80 земји.

Најголемото признание го доби Сердар Цветков од СЕТУГС „Михајло Пупин“ – Скопје, кој го освои првото место во Европа и петтото место во светот на глобалниот MOS натпревар.

„Овој успех е уште една потврда за талентот и квалитетот на дигиталната писменост меѓу младите во Македонија“, велат од македонскиот тим што беше во Калифорнија.

Во тимот беше и Лука Зотовиќ од СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Скопје, кој, велат од таму, мајсторски ги претстави нашите бои на ACP натпреварот. Заедно со Илина Арсовска, Леонид Петковски и Огнен Бабунски, посочуваат дека „овие млади визионери го претворија својот сон во реалност, претставувајќи ја Македонија на најголемата глобална сцена за дигитална писменос“.

„Овие натпревари не само што ги истакнуваат нашите најталентирани ученици, туку и ја промовираат важноста на дигиталната писменост како клучна вештина за иднината. Горди сме на нивните достигнувања“, изјави Валентина Тасева, Генерален директор на „Семос Едукација“.

Нивното учество беше овозможено со поддршка од Град Скопје, компании и организации кои го поддржаа престојот и учеството на средношколците и нивните ментори.

„Горди сме што сме дел од оваа неверојатна приказна и што имавме можност да ги поддржиме овие млади таленти на нивниот пат кон светските успеси. Тие ни покажаа дека со посветеност и знаење, секоја цел е достижна“, вели Марко Серафимовски, директор на CertiAdria.

На свеченото прогласување на победниците во Анахајм присуствуваа претставници од многу земји, а македонските натпреварувачи добија признание за својата работа и посветеност.

„Ова е само почеток на нивната успешна кариера, и ние со нетрпение го очекуваме нивниот понатамошен развој и успеси“, велат од македонскиот тим.

Како потсетување, минатата година нашата финалистка Ања Цветковска од СУГС Раде Јовчевски -Корчагин го освои четвртото место во конкуренција на 133 натпреварувачи на светско ниво.