[Фото] Отворен нов Младински центар во Македонски Брод

Сојузот за младинска работа информира дека е отворен нов Младински центар во Македонски брод. Тој се наоѓа во самиот центар на градот, сместен на улицата „Партизанска“ бр. 22, во непосредна близина на СОУ „Св. Наум Охридски“.

„Со отворањето на овој центар, младите во Македонски Брод добија нов, безбеден и инспиративен простор за собирање, учење, забава и развој. Младинскиот центар ќе нуди различни активности и програми кои ќе ги поттикнуваат младите луѓе да се вклучат во заедницата и да го развиваат својот потенцијал на лично и професионално ниво“, соопштуваат од Сојузот.

Од таму посочуваат дека ова е деветтиот ваков младински центар во земјава, отворен во согласност со Законот за младинско учество и младински политики.

„Овој центар претставува значителна инвестиција во идната генерација и е доказ за посветеноста на локалната заедница кон развојот на младите“, велат од Сојузот.

Младинскиот центар ќе биде управуван од Сојуз за младинска работа (СМР), кој ќе ги координира активностите и програмите наменети за младите во општината. Со овој центар, од СМР велат дека ја продолжуваат својата мисија да им обезбедат на младите можности за квалитетен раст и развој, како и простор каде што ќе можат да ги изразат своите идеи и креативност.