УНРВА: Меѓу семејствата во Газа владее страв бидејќи немаат каде да се засолнат

Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) соопшти дека меѓу семејствата во Појасот Газа повторно се шири страв поради тоа што повеќе немаат каде да се засолнат, пишува „Анадолу“.

УНРВА реагираше на најавата на израелската војска во врска со евакуацијата на некои делови од Ал-Маваси, за кои претходно тврдеше дека се „хуманитарна зона“ во Газа.

„Стравот повторно се шири бидејќи семејствата немаат каде да одат“, наведува УНРВА.

Израелската војска  издаде нови наредби за евакуација на жителите на неколку области од централниот и јужниот дел на Појасот Газа кои војската ги класифицира како „хуманитарни безбедни зони“.

Војската им нареди на жителите на населбите северно од Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа и на населбите во источниот дел на Деир ал Балах во централниот дел на Појасот Газа да ги евакуираат подрачјата.

Војската тврди дека во овие подрачја дејствува палестинската група на отпорот Хамас.

Израелските сили продолжуваат секојдневно да го бомбардираат Појасот Газа, каде живеат околу 2,3 милиони Палестинци.

Над 40.000 Палестинци се убиени во Газа од 7 октомври, повеќето жени и деца, а над 92.000 се повредени, според локалните здравствени власти.