Во Социјалниот центар „Дуња“ утре (20 август) од 20 часот ќе се одржат концерти на „Junaït“ и Хана Корнети.
„Junaït“ се германско трио составено од Клара Вигер (кларинет / бас кларинет), Каролине Колдиц (гитара) и Лин Хартфил (контрабас).
„Свират комплексна музика, во која се слуша блиско-источен фолклор покрај авангарден експресионизам, камерен џез покрај современ класичен израз, зацртани аранжмани покрај слободно импровизирани – се ова во спонтани и игриви концертни изведби“, велат од СЦ „Дуња“.
Ова им е второ гостување во Македонија, каде во моментов работат на својот деби албум.
Хана Корнети, пак, е музичарка од Скопје. Во формат на поет-раскажувач пишува и изведува микрокосмички минијатури. Во описот за нејзиниот деби албум „Голи песни“ (Шарла, 2023) нејзиниот музички соработник Давид Ангелевски ќе напише
„Нејзиното форте е шармот, искреноста, но и вештината да ги претвори книжевните вибрации во музички далги од мелодии и сеќавања, звуци и воздишки кои лесно ќе ве вовлечат во нејзиниот имагинариум. Да не ви се излегува. Првокласен е раскажувач, заводливо е игрива, но и политички гласна кога ќе препознае неправда, а ги има, нели?“
Влезот за настанот е препорачана донација од 150 денари за уметниците.