„American Airlines“ ги откажа сите летови за Израел до април 2025 година

Американската авиокомпанија „American Airlines“ ги откажа летовите до и од Израел до април 2025 година, пренесува Ал Џазира Балканс.

Прекинот на летовите доаѓа во време на зголемени регионални тензии поради израелските напади врз Појасот Газа, во кои од 7 октомври минатата година загинаа речиси 40.100 луѓе, а беа ранети 92.600.

Авиокомпанијата не соопшти никакви конкретни детали за долгорочното суспендирање на летовите.

Вкупно 20 меѓународни авиопревозници, вклучувајќи ги „United Airlines“ и „Delta Air lines“, исто така ги прекинаа летовите кон Израел.

Инаку, Израел е во висока воена готовност за потенцијален одмазднички напад од страна на Иран по минатомесечниот атентант на Исмаил Ханије, политичкиот шеф на Хамас во Техеран.

Иран и Хамас го обвинија Израел за убиство на Ханија, а Тел Авив ниту ја потврди ниту ја отфрли одговорноста.

Либанската група Хезболах, исто така, вети одмазда против Израел по убиството на нејзиниот командант Фуад Шукр во воздушен напад во Бејрут на 30 јули.