„Младински филмски фестивал“ од 30 август до 1 септември под слоганот „Реално е!“

Дилемата дали филмовите ја рефлектираат реалноста е стара колку и самиот филм, а затоа годинешното издание го посветуваме (со доза иронија) на сѐ она за кое можеме да кажеме дека е реално и треба, велат од Младински филмски фестивал (ММФ), чие четврто издание ќе се одржува од 30 август до 1 септември на повеќе локации низ Скопје.

Од фестивалот велат дека по безброј  бирократски препреки на кои веќе се навикнати (но не и имуни), со задоволство го објавуваат визуелното решение за новото издание со слоганот „Реално е!“.

„Нашата кокошка е за првпат фотографирана и тоа баш онаква каква што навистина е: реална, со сите недостатоци и маани. Реално е дека ќе гледаме прекрасни филмови од 20 млади автори од Балканот и пошироко, кои ќе ни го отворат прозорецот кон нивниот светоглед и барем за момент ќе ни покажат детали од сѐ она што ја сочинува реалноста“, соопштуваат од фестивалот.

Инаку, МФФ е единствен домашен фестивал посветен искучително за млади филмски автори. Од млади – за млади.

Од ММФ веќе имаа повик за работилници за музички документарци во рамки на фестивалот. Односно, повик за средношколци и студенти за реализација на долгометражен документарен омнибус за новата скопска музичка сцена.