Менторската мрежа Стела ќе го застапува економското омоќување на жените

„Во македонското општество има висока стапка на невработеност, голема економска неактивност, а жените особено имаат многу мало учество на пазарот на труд. Индустриите во кои доминираат жените се најчесто со ниски плати и не соодветствуваат на високото образование и вештините што жените ги стекнуваат“, истакнуваат од женската менторска мрежа Стела.

Причините за оваа ситуација, сметаат оттаму, се во сооднос со нестабилните економски и општествени услови во земјата, неусогласеноста со достапните и потребните профили на пазарот на трудот и постоечките традиционални норми.

„Според податоците на Државниот завод за статистика, 42.8% од жените во земјата бараат вработување, а 37.9% се вработени, иако значителен број на жени имаат универзитетско образование. Невработеноста особено е раширена меѓу младите жени во руралните делови на земјата“, наведуваат тие.

Па така, за да ја остварат својата мисија за застапување на жените и девојките и поддршка на нивниот потенцијал, Мрежа Стела започнува со проектот „Застапување на економско омоќување на жените: Еднаков пристап до можностите за финансиско осамостојување“.

„Целта на проектот е да се направат долгорочни стратегии за подобрување на состојбата на жените и девојките при вработување и олеснување на предизвиците со кои се соочуваат на работните места, како и претставување на еднакви можности и насоки за искористување на постоечките политики и подобрување на сегашните“, посочуваат оттаму.

Илустрација: Теано Кардула

Во рамки на проектот тие подготвуваат и документ за политики „Премостување на јазот во еконоското зајакнување на жените и девојките во Северна Македонија: Достапни можности, мерки, предизввици и препораки“ што ќе се користи за застапување пред институциите со цел подобрување на мапираните достапни можности и предизвици со кои се соочуваат жените во процесот на финансиско осамостојување.

„Во рамки на кампањата на социјалните медиуми #ОслободенаИНезависна, ја подигнуваме свеста за тоа колку е важно за економијата, за образованието и за развојот на општествата доколку се докусираме на зајакнување на жените и обезбедиме можности за сите жени да бидат независни и еднакво вклучени на пазарот на трудот. Истовремено ја потенцираме инклузијата и индивидуалниот пристап кон приказните на секоја жена, важноста на репрезентацијата и создавање на заедници каде секој може да напредува“, информираат од Мрежа Стела.

Според нив, поддржувајќи се една со друга и залагајќи се за еднакви можности, жените градат солидарни заедници кои ја слават различноста и негуваат култура на взаемна поддршка и почит.

Илустрација: Теано Кардула

„За жените од различни раси, етникуми, возрасти, заедници, способности, социјални позадини и идентитети – економската независност е храбра изјава за самоопределување“, додаваат тие.

Проектот е поддржан од шведската Фондација „Kvinna till Kvinna“, имплементиран од Националнара мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Илустрација: Теано Кардула