Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) ги објави делата кои влегуваат во полуфиналниот круг за годинешните награди, а познати се и финалистите за наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади поради малиот број конкуренти.
Вкупно се пријавиле 35 дела, а во согласност со Деловникот за работа на жири-комисиите, секој од членовите доставил бодовник со кој поддржува пет наслови (на скала од 5 до 1 бод). На крај, верификациска комисија од Управниот одбор на ДПМ го пресметала збирот на бодови.
За наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело во конкуренција биле четиринаесет дела, а во полуфиналниот круг влегуваат насловите:
1. „Не кажувам“, роман од Петар Андоновски („Полица“)
2. „Мина“, роман од Игор Анѓелков („Или-или“)
3. „Во трка за животот“, роман од Петре Димовски („Дијалог“)
4. „Ако се родат некакви чувства“, роман од Блаже Миневски („Матица“)
5. „Заборав“, роман од Томислав Османли („ВиГ Зеница“)
6. „Сè уште можам нешто да сторам“, роман од Фросина Пармаковска („Или-или“)
7. „Вонземјанки“, збирка раскази од Влада Урошевиќ („Или-или“).
За наградата „Ацо Шопов“ за најдобра книга поезија се пријавиле седум дела, а во полуфиналниот круг, поради израмнет број бодови кај некои од конкурентите, влегуваат делата:
1. „Коњски житија“ од Зоран Анчевски („Арс ламина“)
2. „Ден-година“ од Тихомир Јанчовски (самиздат)
3. „Умоверзум“ од Фима Клетникова („Макавеј“)
4. „За сите времиња“ од Братислав Ташковски („ПНВ публикации“)
5. „На врв на јазикот“ од Катица Ќулавкова („Арс ламина“)
6. „Поинаков сон“ од Ивица Челиковиќ („Караманови средби“).
За наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади учествувале шест дела. Поради малиот број конкуренти, тука вториот круг е воедно и финален, а во него влегуваат насловите:
1. „На крилјата на самовилското коњче“ од Александра Велинова („Едука Мак“)
2. „Рокчето“ од Никола Маџиров („Арс Ламина“)
3. „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана Црвенковска („Чудна шума“).
За наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга критика и есеистика пријавени биле осум дела. Во вториот, полуфинален круг, влегуваат делата:
1. „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски („Матица“)
2. „Птици во аквариум“ од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ („Полица“)
3. „Тажен и прекрасен свет“ од Дејан Трајковски („Прозарт“)
4. „Живот во ролни“ од Горан Тренчовски (самиздат)
5. „Два опита (Конески и Старделов)“ од Ивица Џепароски (Филозофски факултет).
„Финалистите за трите други награди се планира да бидат објавени на 10 септември, по вториот круг гласање на жири-комисиите“, информираат од ДПМ.
Во однос на наградата „Мост“ за најдобро дело објавено на некој од јазиците на националностите во Македонија, рокот за достава на книги и на преводи до ДПМ е продолжен до 1 септември.
Свеченото доделување на годишните награди на ДПМ за 2023 година, кои се доделуваат вонредно и надвор од вообичаената динамика, ќе се одржи на 18 септември во главната сала на ДПМ.