Министерството за образование и наука (МОН) информира дека во тек испораката на одобрените и испечатени учебници и наставни материјали кои ќе се користат во основните и средните училишта во учебната 2024-2025 година. Согласно дефинираната динамика, испораката треба да биде заокружена пред првиот училишен ден – 2 септември, но за остварување на планот, велат тие, неопходна е кооперативност и ажурност на сите училишни директори.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска упати апел училишните раководства, посочувајќи дека учениците и наставниците се нивна основна грижа и токму нив им требаат учебниците, а тоа значи дека треба да организираат соодветен прием на истите.
„Ваша обврска е да ги примите учебниците во терминот кој навремено ви е посочен од дистрибутерот. Сигурна сум дека секој од вас има доволно персонал на располагање и може успешно да ја заврши обврската. Очекувам сите да сме на висина на задачата, со цел добро подготвени да го дочекаме стартот на новата учебна година“, вели министерката Јаневска во пораката до директорите на основните и средните училишта.
Таа додава дека дистрибутерите немаат должност да доаѓаат по втор или по трет пат во училиштето за да ги достават учебниците и затоа, било какви изговори на директорите за одложување на приемот се неприфатливи.
„Во меѓувреме, Министерството за образование и наука заедно со другите надлежни институции продолжува да се заложува за обезбедување на сите останати учебници по предметите во основното и средното образование за кои досега не се одобрени. Акцент ќе биде ставен на учебниците по странски јазици од прво до деветто одделение за кои процесот за одобрување е започнат, но и поништен од претходното раководство во МОН и во тек е жалбена постапка, по чие завршување, повторно ќе се објави јавен оглас согласно законските прописи“, соопштуваат од МОН.
Од министерството исто така соопштија дека од први септември 124 основни и средни училишта можат да почнат со настава во една смена. Јаневска изјави дека со дел од училиштата сѐ уште се разговара, а дел веќе самостојно одлучиле од септември да почнат со едносменска настава.
„Во тек е и анализата што ја прави МОН, а ни помага и Светска банка, што точно ќе покаже кои училишта имаат можност да работат само во една смена. Според првичните сознанија, уште 50-тина училишта, со доградба на една до пет училници, би можеле да работат само во една смена“, изјави Јаневска.
Според неа, овозможувањето едносменска настава е приоритет на МОН и во следните неколку години ќе се вршат прилагодувања на сите училишта.
„Со тоа ќе се промени и самиот начин на учење и ангажирањето на наставниците, а за учениците ќе значи подолг престој во училиште исполнет со различни дополнителни наставни и воннаставни активности, кои во светот се покажале корисни во образовниот процес“, се вели во соопштението на МОН.