Kако и секоја година, Младински образовен форум (МОФ) крајот на летото го одбележува со летна академија. Овогодишната летна академија за медумска писменост започна вчера, 19 август, во Дојран и ќе трае до 23 август.
„Овие пет дена, околу 80 млади средношколци и студенти од целата држава ќе присуствуваат на различни предавања кои ќе им понудат опсег на знаења и вештини за критичко размислување и општествена вклученост преку активности за неформално образование“, истакнуваат од МОФ.
На првиот ден од академијата, учесниците се запознаа меѓусебно и со предавачите на траките кои ќе ги следат во наредните денови, меѓу кои: Дебата и критичко размислување, Дигитално граѓанство и права, Онлајн активизам и препознавање на дезинформации и Новинарство и медиуми.
„Летната академија 2024 претставува збир од медиумска писменост, дискусии, работилници, образование, активизам, пријателство и создавање на социјална промена“, додаваат тие.
Денешниот, втор ден започна со утринско собрание на учесниците и предавачите околу базенот на хотел „Истатов“, а продолжува со предавања и презентации.
Академијата се организира во рамки на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.