Заврши 36. Поетска ноќ во Велестово

Годинешното 36. издание на „Поетска ноќ во Велестово“ се одржа од 16 до 18 август. На фестивалот настапија поети од Македонија, Хрватска, Ирска, Србија и Кина, а беше претставен поетски портрет на Елизабета Баковска.

Исто така, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ беше отворена и изложбата на фотографии на Сашо Димоски насловена како „Паметници на заборавот“.

Фестивалот беше отворен и затворен со музичките концерти на хрватската кантавторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ.

Фото: Емилија Трајковска

„Заврши уште едно успешно издание на фестивалот Поетска ноќ во Велестово, настаните беа посетени од многубројна, внимателна и посветена публика, па би сакале да им се заблагодариме на сите што присуствуваа, како и на нашите гости што со нивната убава поетска мисла, со музиката и со фотографиите со кои се претставија создадоа магија и на сцената, но и во сите неофицијални дружби и прошетки во Велестово и во Охрид. Голема благодарност и до поддржувачите на фестивалот“, изјавија организаторите.

Фото: Сашо Димоски

Фестивалот го овозможија Министерството за култура, Општина Охрид, „Традуки“ и Комерцијална банка АД Скопје, а негови помагатели се Хрватското друштво на писатели (ХДП), кафе и бар „Шила“ од Охрид, Пелистерка АД Скопје, „Винарија Охрид“, вила „Сансет“ од Велестово, ресторан „Домаќинска куќа Велестово“, пицерија „Немо“ од Охрид и ресторан „Стар чинар“ од Охрид.