Се доделуваат студентски легла по „економска цена“ од 110 евра месечно

„Студентите кои сакаат да се сместат во објектите на ДСЦ Скопје, а не се примени на редовен конкурс, може да добијат место по економска цена од 6820 денари“, гласи огласот кој е поставен на огласната табла во студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“.

фото: Твитер

Огласот има печат од Државниот студентски центар, а во него исто така се препорачува сите заинтересирани за студентски легла да се пријават и да добијат повеќе информации кај раководителот на сместување во „К.Ј. Питу“.

Откако на Твитер беше објавена слика од огласот, таа предизвика повеќе реакции кај граѓаните кои изразија сомневање дека можеби се работи за манипулирање со издавањето на студентските легла.

Од Министерството за образование и наука за Радио МОФ појаснуваат дека не станува збор за никаква манипулација и нерегуларност, туку редовна процедура за доделување на преостанатите слободни студентски легла, кои по трите објавени огласи на министерството, останале празни.

„Целата процедура е законска и министерството им даде инструкции на студентските домови доколку им останат места по трите објавени огласи, тие да бидат по регуларна цена. Се работи за 50-тина студентски легла кои останаа откако поминаа огласите за редовно аплицирање во министерството. Сега за овие места сите заинтересирани можат да аплицираат по оваа регуларна економска цена која вклучува месечно сместување и храна во студентските домови“, вели портпаролот на МОН, Давор Политов.

Според МОН, се работи за 16 слободни места во студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, 13 во студентскиот „Гоце Делчев“ и 28 места во студентскиот дом „Стив Наумов“.

Министерството за образование и наука годинава распиша три конкурси за доделување на студентските легла на кои беа достапни вкупно 6.369 легла. На последниот трет конкурс беа останати уште 1.232 студентски легла.

Првата категорија легла беше наменета за студентите од ранливите категории, за кои државата целосно ги надоместува трошоците за сместување и исхрана во студентските домови а за оваа категорија беа опфатени 40 % од сите легла во домовите. Втората категорија легла беше за студентите кои постигнале висок успех во учењето и опфатеноста на оваа категорија е до 25 % од вкупниот број на студентските домови и третата категорија студентски легла се наменети за студенти кои не се опфатени во првите две категории.

К.О.