Се намалува бројот на високообразован кадар во земјата кој активно бара работа, покажува евиденцијата на Агенцијата за вработување на Северна Македонија (АВРСМ). Ако се направи споредба/анализа на невработеноста според степен на образование, за изминатите пет години, може да се забележи опаѓање на бројот на лица со високо образование кои бараат работа, а паѓа и бројот на невработени лица кои се стекнале со титула, пишува новинската агенција Мета.
Така, според евиденцијата од јуни 2020 година, работа чекале 11.735 дипломци, 830 магистри и 25 доктори на науки. Сега, односно со последната евиденција од јуни 2024, бројот на невработени дипломци е 6.337, магистри – 551 и 20 доктори на науки.
Најмногу невработени се правници, економисти и психолози
Од евидентираните невработени лица со високо образование, најбројни се невработени лица од профилот дипломиран економист, дипломиран правник, дипломиран правник (180 ЕКТС) и дипломиран психолог, велат за Мета.мк од АВРСМ.
„Во евиденцијата на невработени има и лица од профилот доктор по медицина, дипломиран учител, дипломиран економист (180 ЕКТС), дипломиран на јавна администрација, професор по одделенска настава на албански јазик, дипломиран социјален работник, дипломиран физиотерапевт (180 ЕКТС). Потоа, овде се и профилите професор по англиски јазик, професор за предучилишно воспитание, дипломиран географ-професор, професор по одделенска настава на македонски јазик, дипломиран воспитувач, дипломиран инженер архитект, дипломиран менаџер по туризам и угостителство (180 ЕКТС), дипломиран по бизнис администрација, дипломиран психолог (професор), дипломиран педагог (професор) и други профили на евидентирани невработени лица со високо образование“, велат од АВРМ.
Од невработените лица кои се магистри на науки, според областа во која магистрирале, евидентирани се лица од профилот магистер на правни науки, магистер по право од областа на казнено право, магистер по економски науки.
„Меѓу невработени магистри има и магистер по фармација, магистер инженер архитект, магистер по бизнис администрација, магистер по правни науки – насока граѓанско право, магистер по право од областа на деловно право, потоа магистер по менаџмент на човечки ресурси, магистер по право од областа на финасии и финансово право, магистер по филолошки науки, магистер по политички науки и други“, информират во АВРСМ.
Нема работа за доктори по политички науки
Од невработените лица – доктори на наука, во евиденцијата на невработени лица евидентирани се доктор по политички науки, доктор по економски науки, доктор по правни науки, доктор по земјоделски науки, доктор по архитектура, доктор по технички науки, доктор по педагогија.
За да помогне да се намали невработеноста на високообразован кадар во земјата активностите на Агенцијата за вработување се насочени кон поуспешно поврзување на понудата и побарувачката на работна сила, преку зголемување на капацитетите за вработување на невработените лица, со цел нивна поуспешна интеграција на пазарот на трудот, велат оттаму.
„Во насока на намалување на невработеноста, Агенцијата за вработување како дел од годишните оперативни планови, спроведува голем број активни програми, мерки и услуги за вработување, кои обезбедуваат креирање на нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица. Во програмите, мерките и услугите за вработување е овозможен пристап на сите невработени лица и работодавачи, а правото на учество се определува врз основа на условите и критериумите дефинирани за секоја пооделна активност“, објаснуваат во АВРСМ.
Инаку, во земјава рекорден број невработени доктори на наука имавме во 2018 година, кога дури 33 доктори беа пријавени во АВРСМ како невработени лица. Според истата евиденција од тогаш, невработени имаше и 866 магистри на науки, како и безмалку 11.000 лица со завршено високо образование. Овие бројки беа високи бидејќи тогаш високото образование стана подостапно, се отворија многу факултети и дисперзирани студии, се намалија критериумите за упис, а се зголеми и проодноста на факултетите.