Реконструкцијата на студентскиот дом „Стив Наумов“ ќе започне за десетина дена, тврдат од МОН

Откако веќе долго време се „крчка“ и најавува решавање на мизерната состојба во „Стив Наумов“, Министерството за образование и наука за Радио МОФ тврди дека за десетина денови конечно ќе започне реконструкцијата на домот во Гази Баба.

„Согласно информациите од избраната компанија изведувач на градежните работи, во тек се подготвителни активности и работите на терен ќе започнат за десетина дена“, истакнуваат од МОН.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска на 10 август рече дека реконструкцијата на „Стив“ ќе стартува откако ќе ја одобри Град Скопје. Градот издава решение за комуналии во рок од 15 дена. Поради годишните одмори, како што веќе рекоа од МОН, овој документ бил издаден малку подоцна од предвидениот рок.

Според градските власти, четирите барања за надоместоци за уредување градежно земјиште кои стигнале до нив преку системот „Е-одобрение за градење“ се завршени и на 1 август повторно вратени до Општина Гази Баба. Таа е надлежна за одобрение за реконструкција на ваков вид објекти со намена B1.

„По барањата беше постапено согласно Законот за градење и за истите се издадени Решенија за реконструкција со дата 19 август и дата на правосилност 22 август 2024 година“, соопштуваат од Гази Баба.

Инаку, „Стив“ во целост се затвори на 10 јули со најава за реновирање кое ќе трае 18 месеци од започнувањето. Вкупниот капацитет од трите згради и новите бараки на „Стив“ е 1.359 што го прави овој студентски дом најголем. Во 2019 година беше донесена одлука да се реновира првата зграда на „Стив“ која имаше капацитет од 264 легла, откако во неколку наврати се случи на студентите да им прокисне кровот, па дури и да им падне плафонот над глава. Таа година беа примени само 356 студенти во втората зграда, како и во третата зграда и новите, реновирани бараки.

Во меѓувреме, Радио МОФ пишуваше за ужасните услови во кои престојуваа студентите последниве години. Тие сведочеа за секојдневните битки со немање топла вода, протекување на канализациски цевки, а во зима требаше да живеат со млако парно.

Мизерни услови и млако парно во студентскиот дом „Стив Наумов“, студентите се плашат да се пожалат

Веќе наредната академска година на списокот на МОН во функција останаа само третата зграда и новите бараки. Со реконструкција тогаш не се започна ниту на една од овие згради на „Стив“.

„Борбата“ за студентско легло во Скопје годинава уште поголема

Ангела Петкова