Борел: Потребен е итен прекин на огнот во Газа за децата да се вакцинираат против детска парализа

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, предупреди дека детската парализа во Појасот Газа многу брзо се шири и нагласи дека е потребен итен прекин на огнот за да им се овозможи на децата да се вакцинираат против оваа болест, која може да предизвика неподвижност на дел од екстремитетите до крајот на нивниот живот, пишува „Анадолу“.

„Брзото ширење на детската парализа им се заканува на сите деца во Газа, кои се веќе ослабени и неухранети“, изјави тој на X.

Министерството за здравство на Газа на 16 август го објави првиот потврден случај на полиомиелитис (детска парализа) во Појасот Газа во последните 25 години, во градот Деир ал Балах. Станува збор за 10-месечно бебе кое не примило никакви дози од вакцината против детска парализа.

Оваа болест примарно ги погодува децата на возраст под пет години, при што една од 200 инфекции доведува до неповратна парализа.

Според Светската здравствена организација (СЗО), меѓу 5 отсто и 10 отсто од парализираните умираат поради неможноста на нивните респираторни мускули да функционираат.

Инаку, војната во Појасот Газа почна на 7 октомври минатата година. Според податоците на палестинското Министерство за здравство досега убиени се околу 40.476 Палестинци а повредени се над 93.600.