#НизТвојотОбјектив – Избор фотографии од Марко Тошанов

Денес во рубриката #НизТвојотОбјектив го имаме Марко Тошанов, студент на Факултетот за Дизајн и Мултимедија. Тој работи и како шанкер, а во слободно време покрај со фотографија се бави и со музика.

„Слушајќи приказни од моите родители, јас уште од мал сум бил креативец, но, како што секој минува низ потешкотии во живот, тој дел беше закопан негде длабоко во мене. Пронаоѓајќи се повторно во уметноста ми беше знак дека ова е тоа што сакам да го правам. Креативноста е една од најубавите човекови карактеристики, и ‘мускул’ што секој човек треба да го користи“, вели тој за Радио МОФ.

Фоткањето, вели, му дава шанса да ги препознава и да им обрне внимание на малите и ретко забележани убавини кои ги има животот.

„Фотографијата исто така ми е и медиум преку кој се искажувам, и таа ми е омилена форма на лична експресија. Преку неа пробувам да се поврзам со гледачот и да му ја доловам емоцијата што самиот сум ја чувствувал додека сум сликал. Поради мојата приврзаност со музика, често тоа чувство го поврзувам и со специфична музика. Така што, на мојот инстаграм акаунт, голем дел од сликите се во пар и со песни чија цел е да ги збогатат чувствата што ги има гледачот и се дел од искуството колку и самата фотографија“, открива Марко.

Радио МОФ започна со рубриката #НизТвојотОбјектив со цел да отвори можност за изразување, промовирање и поврзување на фотографи. Секој четврток објавуваме фотографија или фотографии од еден автор.

Сите заинтересирани за објавување, своите фотографии може да ни ги пратат на info@radiomof.mk, заедно со кратка биографија и кусо објаснување за контекстот на фотографијата. Фотографиите треба да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.