Двајца кандидати на локалните избори во Босна и Херцеговина предизборната кампања ќе ја водат од затвор

Најмалку двајца кандидати за градоначалници на општини во Босна и Херцеговина на претстојните локални избори во земјата, закажани за 6 октомври, ќе се натпреваруваат од затвор бидејќи тоа им го дозволува постоечкиот закон, пренесува Ал Џазира Балканс.

Еден од нив е Страхиња Башевиќ, кандидат за градоначалник на општина Соколац од политичката партија Сојуз на независните социјалдемократи (СНСД) на кој судот во источно Сараево денеска му одреди мерка притвор од еден месец.

Башевиќ е осомничен за кривичното дело злоупотреба на положбата и овластувањето додека бил на чело на јавното претпријатие „Романија“ кое се занимава со стопанисување на шуми. Тој сега е претставник во Собранието на Босна и Херцеговина, како ентитет на Република Српска.

Од СНСД тврдеа дека против Башевиќ се „спакувало“ обвинение и ја обвинија обвинителката врз основа на националност.

„Бошњачката обвинителка на Окружното обвинителство во Источно Сараево, Јасмина Хабул, очигледно го политизира (случајот) и од личен интерес се обидува да криминализира само лица од СНСД“, се вели во реакцијата на партијата на Милорад Додик.

Додека пак, Ибро Берило, актуелниот градоначалник на општина Трново кај Сараево кој најави кандидатура за нов мандат на таа функција како член на Партијата за демократска акција (СДА), исто така е зад решетки од овој месец.

Обвинителството на кантонот Сараево го обвинува Берило за организирање на криминална група која незаконски ја препродавала шумата на олимписката планина Бјелашница и овозможила нејзина пренамена во градежно земјиште. Притоа, ѝ нанел штета на државата од над 1,5 милиони евра.

За ова Берило бил награден со недвижен имот како подарок од градежното лоби, а денеска полицијата го конфискуваше имотот и на неговите соработници во криминалот. Конфискацијата која се проценува повеќе од еден и пол милион евра ја нареди Кантоналниот суд во Сараево на 23 август.

Изборниот закон на Босна и Херцеговина сепак ќе им дозволи на двајцата кандидати да се натпреваруваат на изборите бидејќи не се осудени за какво било кривично дело.

Законот пропишува санкција разрешување само во случај кога лице е избрано на функција, а потоа се изрече целосна пресуда, односно затворска казна од шест месеци или подолго. Дури тогаш, Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина утврдува престанок на мандатот на таков функционер.