Исполнување на мерката ваучер за туризам и намалување на трошоците за меѓуградски превоз, бара УСС УКИМ

Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС УКИМ) денес излезе со две нови барања до надлежните.

Првото барање е за средба со актуелниот министер за транспорт и врски, Александар Николоски.

„Со цел претставување на предлози за заеднички активности со цел подобрување на условите за транспорт, особено меѓуградскиот транспорт кој за време на Ковид-19 пандемијата неконтролирано ги крена цените, а тие останаа до ден денес – и фигурираат како уште еден дополнителен висок трошок за студентското тело од кое најголем дел студира и живее надвор од родното место“, велат од студентската организација.

Второто барање се однесува на исполнување на мерката за ваучер за туризм што на студентите им беше ветена кон крајот на 2023 година.

Инаку, откако МОН ги вети ваучерите за туризам УСС УКИМ излезе со барање средствата одредени за ваучерите да се пренаменат „за поприоритетни решенија, како енергетска ефикасност на студентските домови и факултетите“.

„Нашиот став е дека мерката е корисна за студентите за оваа година, но не се предвидува дека студентите во Македонија ќе добиваат ваучери за домашен туризам секоја година. Одлична е идејата студентите да имаат можност да ги посетат знаменитостите во нашата држава во текот на слободните периоди при студирањето, но потоа студентите 9 месеци престојуваат во студентски домови чии услови не се задоволени со Законот за студентски стандард во кој е наведено дека ‘студентски дом е установа која на студентите им обезбедува сместување, исхрана, грижа за здравјето, културно-забавни, спортско-рекреативни и други активности’“, изјавија тие во декември лани.

Откако министерот Шаќири на 29 декември го потпиша договорот за реконструкција на девет државни студентските домови со кој е предвидена и енергетска ефикасност, од УСС УКИМ кажаа дека ќе поднесат предлог студентите сепак да ги добијат ваучерите за туризам.

По ова, на студентите им беше ветено дека ваучерите ќе ги добијат по изборите на што уште се чека.

Студентите ваучерите за домашен туризам ќе ги добијат по изборите

УСС УКИМ минатата недела објави три барања за подобрување на студентскиот стандард, од кои МОН веќе прифати две.

„Идните бруцоши можат да аплицираат на повикот за користење на мерката субвенциониран студентски оброк до 5 септември со што ќе се стекнат со правото на користење на мерката од почетокот на академската година“, информираа од УСС УКИМ пред неколку дена.

Исто така, прифатено беше и барањето за студентите што се на интегрирани студии од 3+2 години, од оваа година да можат да аплицираат за стипендија за втор циклус на студии.

МОН прифати две од трите барања на УСС УКИМ за подобрување на студентскиот стандард

ДОПОЛНУВАЊЕ: 

Откако веста беше објавена од УСС УКИМ информираа за дополнување на нивните барања.

Оттаму велат дека покрај иницијалното намалување на цените на билетите на меѓуградскиот превоз, апелираат на продолжување на мерката за субвенции за меѓуградски превоз според која за време на изминатата година студентите добиваа до 1200 денари месечно со цел набавка на билет за меѓуградски превоз.

„А доколку не е возможно продолжување на исплата на истата мерка, во тој случај сметаме дека е потребно да се воведе мерка за намалување на цените на билетите во меѓуградскиот превоз за студенти. Со ваквата мерка не само што ќе се зголеми студентскиот стандард, туку и ќе претставуа и поголема мотивација за средношколците да се одлучат за студии во друг град, а и постоечките студенти да патуваат во други градови и да ја истражат својата земја“, нагласуваат студентите.

Оттаму потенцираат дека ваквата мерка е веќе присутна и во Националата стратегија за млади 2023-2027 година во делот на Образование под точка 4.1.1.2 која гласи „Донесување одлука за намалување цени на меѓуградскиот автобуски превоз за средношколци и студенти на територијата на цела држава и зголемување на редовноста на линиите”.

Второто барање се однесува на ваучерите за туризам. Од таму потсетуваат дека со веќе споменатата предвидена сума од 64 милиони денари, предвидено е да се опфатат 7.100 студенти од државните и приватните факултети, на сите три циклуси студии, и тоа:

а) Прва група – 3550 ваучери за редовни студенти од социјални категории запишани на додипломски студии од прв циклус и втор циклус на студии (магистерски) на јавните универзитети, приватните универзитети и високообразовни установи во
Република Северна Македонија;

б) Втора група – 3550 ваучери, од кои 3090 за студенти од прв циклус, 355 за студенти од втор циклус и 105 за студенти од трет циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи, кои постигнале особено висок успех во учењето.