Израел се согласи на ограничени „хуманитарни паузи“ за децата да се вакцинираат против детска парализа

Светската здравствена организација (СЗО) објави дека Израел се согласил на ограничени „хуманитарни паузи“ за да дозволи витални вакцини против детска парализа во Газа, но тоа ќе се случува само на „одредени места во одредено време“, пренесува Ал Џазира Балканс.

Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека паузите ќе започнат на 1 септември, а на тимовите на теренот им требаат следните 48 часа за да обезбедат логистика и да ја започнат кампањата за вакцинација.

Инаку, во израелските напади во последните 24 часа загинаа најмалку 79 Палестинци, а 77 се ранети, соопшти Министерството за здравство на Газа. Исто така, во текот на ноќта во напад во центарот на Газа беа убиени девет членови на истото семејство, вклучително и една бремена жена и нејзиното неродено дете.

Дополнително, на состанокот на Советот за безбедност на ОН, Кина го осуди Израел.

„Никогаш не смееме да дозволиме да се случи истата хуманитарна катастрофа во Газа, што ќе го претвори Западниот брег во уште еден пекол на земјата“, изјавија кинеските власти.

Најмалку 40.602 лица се убиени, а 93.855 се ранети во израелската војна против Газа. Додека пак, се проценува дека 1.139 луѓе биле убиени во нападите предводени од Хамас во Израел на 7 октомври.