Лорис Капелини кој настапува под името Орфија (Orphia), има 24 години и е дел од независната музичка сцена во Женева, Швајцарија. Креира музика категоризирана како дел од хипнотизирачкиот електронски студен бран, инспириран од златната ера на краутрокот. Орфија дава носталгично музичко доживување, спојувајќи синтисајзери, вокали и машини за тапани.
Орфија вечерва (петок, 30 август) ќе настапува на фестивалот „Sound of Green“ кој ќе се одржи во Младинскиот културен центар во Скопје од 20:30 часот, па Радио МОФ имаше можност да направи интервју со овој млад музичар. Зборувавме за неговиот музички полет, за универзалното значење на музиката кај аудиториумот, но и за важноста да се ориентираме кон намалување на ефектите од климатските промени – што ги тангира и самиот настан каде настапува.
Исто така, Орфија дава поттик за солидарност меѓу уметниците и обединување на независните сцени, особено меѓу младите, без разлика дали се работи за Швајцарија или С. Македонија.
Доаѓаш од Женева. Па, најпрво, да те прашам како е таму музичката сцена? Има ли независна сцена и како таа функционира?
Во Женева има исклучително жива и богата музичка сцена, особено електронската. Постојат многу талентирани уметници кои се посветени на развојот на сцената и културата. Има и кул места за настапи, па во однос на големината на градот, таа е навистина динамична.
Во С. Македонија во моментов има нов бран на музичари и уметници, особено во областа на рокенролот, џезот и електронската музика. Тие не „плачат и се жалат“ дека не добиваат поддршка од институциите, туку, барем засега, се потпираат на самоодржливост и солидарност. И доста агилно – си помагаат во свирки, разни настани, опрема итн. Од овој аспект, како се држи сцената во Швајцарија?
Прво, мислам дека е одлично што во С. Македонија сцената се развива на позитивен и конструктивен начин. Сметам дека меѓусебната поддршка и солидарноста меѓу уметниците се најдобри начини да се развие солидна, интересна и пред се’ здрава сцена.
И во Женева има само неколку структури кои обезбедуваат поддршка на уметниците во француското говорно подрачје на Швајцарија, но имаме многу можности од комерцијални и приватни фондови. Се снаоѓаме сами (со DIY пристап), и во Женева скоро сите уметници од секоја ниша се познаваат меѓусебно, а генерално атмосферата е настроена кон споделување, дури и ако основниот менталитет е многу индивидуалистички.
Што е конкретно со младите? Се интересираат ли за уметност и музика, но и дали има простор и можност да се вклучат и се чувствуваат самореализирано, со што притоа се јакне целата креативна и независна сцена?
Апсолутно! Младите луѓе денес се неверојатно страсни за уметност и музика, а секоја генерација носи свежи, иновативни перспективи во културните и уметничките практики. Во Женева, на пример, гледаме постојан прилив на млади таленти желни да истражуваат и да се изразат. Овој град отсекогаш бил центар за уметничко богатство и верувам дека тоа наскоро нема да се промени.
Кога станува збор за простори посветени на овие креативни потфати, секогаш копнееме повеќе – повеќе места, повеќе платформи, повеќе можности. Но, ние исто така го правиме најдоброто од она што го имаме. И покрај ограничувањата, креативната заедница овде е снаодлива и издржлива, наоѓајќи начини да се поддржуваат едни со други и да напредуваат. Токму овој дух на соработка и импровизација ја одржува нашата сцена богата и жива.
Ајде малку да се свртиме и кон твојата музика. Од каде Орфија реши да се занимава со музика? ТОА, го имаше во тебе уште од мал, или дојде подоцна? Што беше тригерот?
Започнав со свирење тапани, а на 13 години создадов рок бенд со пријателите каде главно свиревме кавери. Многу брзо почувствував потреба да создадам своја музика.
За мојот 15-ти роденден, баба ми ми’ подари гајба со стари винили, а меѓу албумите на Хулио Иглесијас го најдов „Autobahn“ на „Крафтверк“ и тоа беше откровение за мене. Никогаш не бев слушнал такво нешто и ми остави траен впечаток.
Од тој ден, откако го купив мојот прв синтисајзер, ги поминував сите ноќи правејќи „блип блоп“ звуци во мојата соба. Истовремено, одев да гледам како настапуваат електронските артисти и целите концерти го минував на прсти за да видам како го прават тоа и какви машини користат.
Забележувам дека денес, ништо не е променето; на крајот, јас сè уште го правам истото :)
Создаваш музика инспирирана од златната ера на краутрокот. Дали тоа е само некоја носталгија, или е основи за нови музички истражувања, спојки и изрази што, можеби, на крајот на публиката ќе и’ донесат нешто свежо и возбудливо?
Како што е и убаво формулиравте во прашањето, јас ги користам влијанијата и инспирациите што ми оставиле впечаток за да создадам свое музичко поле, мои истражувања и експерименти. Синтисајзерите се прекрасни инструменти со кои може да продуцираш со години, без да ти здосадат и да креираш бесконечност од сè покомплексни звуци. Тоа е дефинитивно нешто што ме фасцинира.
Во С. Македонија присуствуваш на „зелен“ настан, односно настан кој промовира еколошки навики и намалување на ефектите од климатските промени. Дали е важно уметниците да бидат присутни кога се разговара за такви прашања, односно да го дадат својот глас за ваквите проблеми?
Да, се разбира, прашањето на екологијата станува се поцентрално и неопходно, особено во музичката индустрија. Сметам дека е многу важно да им се даде глас на уметниците да се изразат на вакви настани, и ако можат да ја подигнат свеста, особено кај помладата генерација, за еколошките и климатските промени преку нивните концерти и интервенции, тоа е фантастично.
На крајот, ова е малку клише, но сепак… има ли нешто што би сакал да ѝ кажеш на публиката пред твојот настап во Скопје? И што да очекуваме од тебе во иднина?
Возбуден сум што доаѓам и настапувам овде во Скопје. С. Македонија е земја во која никогаш не сум бил, а за неа сум слушнал само позитивни работи. Да можам да дојдам и да настапам овде е вистинска можност, и јас сум многу благодарен за тоа.
Моментално работам на моето второ ЕП. Го вложувам целото мое срце и ум во тоа! Едвај чекам да го објавиме, и се надевам дека ќе дојдам повторно да настапам овде во С. Македонија :)
Бојан Шашевски