Поврзаности или нерегуларности меѓу институции, инвеститори, планерски куќи, градоначалници, советници, членови на комисии кои одлучуваат за ДУП-ови... Целата можна коруптивна спрега во урбанистичкото планирање отсега ќе можат полесно да ја дознаат, препознаат, но и да реагираат и самите граѓани преку нова Плаформа на „О2 Иницијатива“.
Претставничките на оваа еко-организација денеска ја презентираа Платформата за борба против корупцијата во процесот на донесувањето на урбанистички планови и закони во Собранието, со што, велат тие, на граѓаните им се даваат дополнителни знаења и алатки како и кому да се обратат.
„Со нашето долгогодишно искуство, сфативме дека е клучно што повеќе граѓани активно да се вклучат, за пријавување до надлежните институции кога ќе се уочат нерегуларности, за поднесување жалби онаму каде е потребно. Исто така, граѓаните да знаат да ги прочитаат основни работи во урбанистичките планови, бидејќи не е потребно да се знае се’, меѓутоа е важно секој граѓани да знае што е планирано, какви згради, од каква висина, трговски или индустриски објекти… Гледавме тоа да биде претставено на едноставен начин, преку едукативни видеа или инфографици. Исто и на носењето на законите, кои се документите, начините, инстанците, кои се потенцијалните ризици за корупција, за и самите да ги следат процесите“, потенцираше Татјана Чакулев од „О2 Иницијатива“.
Направени се и анализа на случаи за да видат граѓаните како се одвива евентуална корупција во урбанистичкото планирање, колку чинители се поврзани, дека е тоа „цел круг“.
„Тука имаме конкретен случај, а тоа е случајот со добивањето на Одобрението за градење на т.н. 17-катница во Карпош. Таа е во заштитното подрачје на зградата-споменик Воена болница (сегашна ГОБ ‘8 Септември’), а Одобрението е добиено врз основа на незаконско позитивно конзерваторско мислење. Општината не сака да го поништи Одобрението“, потсети Чакулев.
Конкретно за овој случај дошле и закани. Нивна советничка, членка на „О2 Иницијатива“, добила телефонска закана каде и’ била кажано „да престане со секаква реакција“.
„Со такви закани (за разни случаи н.з.) се соочуваат и други граѓани, па поради тоа многу сограѓани не сакаат јавно да делуваат. Не се осудуваат јавно да пријавуваат нерегуларности, затоа постои можност и на анонимна пријава, а ние да преземеме“, рече Чакулев, која на конференцијата дополнително објасни:
„Пријавите можат да бидат до советниците во нивната општина, пратениците, инспекторатите, Министерството за транспорт. Ако пријават со свое име и презиме ќе оди директно преку нашата Платформа до овие институции, додека доколку одберат опција пријавата да биде анонимна, таа потоа ‘О2 Иницијатива’ ја поднесува до надлежните“.
Исто така, нагласи Чакулев, постои дел на Платформата каде се прикачени примери за претставки, жалби, пополнети анкетни листови и сл.
„Ова се конкретни примери кои ние ги имаме поднесувано до надлежни институции, но и иницијативи до Уставниот суд поради кои има укинато ДУП-ови“, посочи еко-активистката.
На новинарско прашање за тоа како целата материја во урбанизмот треба да се решава, со оглед на тоа што насекаде „никнуваат“ згради, без план и стандарди, Чакулев вели дека урбанистичкото планирање на ниво на Град Скопје, но и на ниво на други градови, треба да се регулира со Генералниот урбанистички план (ГУП).
Еко-активистката притоа потсети дека се’ уште формално доцни новиот ГУП 2022-2032, а актуелниот, важечкиот 2012-2022, претходно направи урбанистички упад со т.н. „линиски центри“. Односно, со членот 37 од планските одредби, е исцртана „мала врата“ низ која можат да се протнат и изградат огромни бетонски зданија покрај самите улици, без тие да влезат во параметрите на градска четврт за број на жители, густина на население и разни инфраструктурни потреби – со што прават големи штети на квалитетот на живот.
„Тоа се објекти што се дозволија, како зградата на ‘Настел’, сега и кулите кај ‘Холидеј ин’, тие се ‘линиските центри’. Тоа не смее да се случува, туку детално да се планира со ГУП-от. Вториот момент, во однос на најавеното дека би било забрането да се гради само во Карпош, или само во Центар, не треба секоја општина да планира одвоено, па да биде хаотично. Главниот дел, суштината на проблемите е што урбанистичките планови се изготвени врз желбите на приватни инвеститори. Значи, тие си ги плаќаат планерските куќи, тие им ги цртаат плановите како што сакаат, потоа партиски се гласаат во советите. Кога планирањето би правеле државни институции, овие проблеми не постоеле. Граѓаните треба да се вклучат во овие процеси, да ги следат и да алармираат“, нагласи Чакулев.
На прашањето како граѓаните да не губат верба дека со секоја своја постапка можат да допринесат во борбата за корупција, со оглед што надлежните кога градат велат дека „се’ е согласно закон“, Чакулев нагласува: „епа, не е се’ согласно закон“.
„Сите овие случаи, како укинувањето на урбанистичките планови на Уставен суд, покажаа дека не е се’ согласно закон. Во случајот со издаденото позитивно конзерваторско мислење – што е услов за Одобрение за градење – испадна дека не е се’ согласно закон. Јавното обвинителство има отворено постапка, која е во тек. Кога се надминуваат параметри и не се усогласени ГУП-от со ДУП-от – не е се’ согласно закон. Затоа е поентата она што низ годините го научивме, да го пренесеме и на другите, на едно место да ги имаат сите информации и алатки“, потенцира таа.
На крајот, Ели Пешева од „О2 Иницијатива“ истакна дека постои генерално мислење, дека ако притисокот е индивидуализиран – тој е мал и слаб. Тоа, според Пешева, е нешто што се провлекува низ сите институции.
„Навикнати се да нема притисок. Некој ќе ги ‘чепне’, малку ќе ги ‘раздрма’ и отприлика тука завршува се’. Меѓутоа, ако ние сме организирани (ситуацијата ќе биде поинаква). Затоа е важно ова здружување, како вид отпор, каде ја имаме експертската јавност, професионалните урбанисти, планери, граѓанските здруженија и искучително важна е и медиумската поддршка. Кога тој притисок ќе биде поинтензивен и подолгорочен, не може да нема ефект. Бидејќи никој не е имун на константен притисок, особено ако тоа што го прави не согласно со законите“, констатираше Пешева.
Бојан Шашевски