Децата помали од две години не треба да бидат изложувани на било какви екрани, а тинејџерите не треба да се пред екран повеќе од три часа дневно, препорача Министерството за здравство на Шведска.
Родителите и старателите треба да размислат како ги користат екраните додека се со нивните деца и да им кажуваат што прават на телефон додека се со нив, се додава во соопштението.
Насоките кои беа објавени вчера е првиот чекор кој здравствените власти во Шведска го преземаат во насока на регулирање на времето поминато пред екран.
За децата од две до пет години времето пред екран треба да се ограничи на максимум еден час, додека децата на возраст од 6 до 12 години не треба да ги користат своите телефони или други уреди повеќе од два часа. За тинејџерите од 13 до 18 години лимитот е три часа.
Ова е нагло намалување на моменталните бројки за просечен број часови поминати пред екран на младите во Шведска.
„Долго време дозволувавме екраните и апликациите да крадат време и внимание по цена на она што знаеме дека е потребно за да се чувствуваме добро. Знаеме дека користењето на дигиталните медиуми може негативно да влијае на нашето здравје, вклучувајќи го и влошувањето на соното и симптомите на депресија. Со овие препораки се нуди важна поддршка која им е потребна на децата и младите, родителите и другите старатели, за поздрава, разумна и одговорна употреба на екраните и дигиталните медиуми“, изјави министерот за социјална работа на Шведска.
Агенцијата за здравство исто така препорача децата да не гледаат во екран пред да легнат да спијат како и уредите да бидат надвор од нивната соба за време на ноќта.
„Здравјето на децата ја плаќа цената на профитот на технолошките компании“, изјави министерот.
Инаку, Шведската влада претходно соопшти дека размислува за забрана на паметните телефони во училиштата.