Грета Тунберг уапсена на протест во Копенхаген против војната во Газа

Данската полиција денеска ја уапси еколошката активистка Грета Тунберг (21) во Копенхаген на протест против војната во Газа, изјави портпаролот на студентската група која ги организираше демонстрациите, а пренесува Гардијан.

Шест лица беа приведени откако 20 го блокираа влезот на зградата на Универзитетот во Копенхаген, а тројца влегоа внатре. Полицијата одби да го потврди идентитетот на кој било од уапсените, но портпаролот на организацијата „Студентите против окупацијата“ која го организираше протестот рече дека Тунберг е една од уапсените.

Активистката сподели слики на Инстаграм на кои полицајците влегуваат во зградата каде студентите организираа протести.

„Не можам да ги потврдам имињата на уапсените, но шест лица се уапсени во врска со демонстрациите. Тие се осомничени дека насилно влегле во зградата и го блокирале влезот“, рече портпаролот на полицијата во Копенхаген.

„Студентите против окупацијата“ рекоа во соопштението објавено на Инстаграм дека „додека ситуацијата во Палестина само се влошува, Универзитетот во Копенхаген ја продолжува соработката со академските институции во Израел“.

„Ја окупираме централната администрација (на универзитетот) со едно барање: академски бојкот сега“, посочија од студентската организација.

Дополнително, пропалестински демонстранти поставија кампови на универзитетите низ САД и Европа од минатата пролет за да протестираат против израелското бомбардирање на Газа и окупацијата на палестинските територии.