Годинава по трите уписни рока во средните стручни училишта се запишале речиси 12 илјади ученици од генерација која брои околу 17 илјади. Дуалното образование е застапено во 62 училишта и годинава во прва година се запишани 3850 ученици. Бројот на запишани ученици во средните стручни училишта расте од година во година.
Ова денеска го кажа министерката за образование и наука Весна Јаневска при посета на компанијата „Каз Груп“ која е дел од проектот за дуално образование, заедно со Вероник Улман амбасадорката на Швајцарија и Антони Пешев извршен директор на Стопанската комора.
„Дуалното образование е успешен концепт кој го промени ставот на младите за средните стручни училишта. Неколку години дава одлични резултати, кои немаше да бидат постигнати без поддршката која ја добиваме од Швајцарската амбасада, но и од бизнис заедницата која ја реализира практичната настава за учениците. Овој образовен модел ќе продолжи да се имплементира и надградува, а наскоро и системски ќе биде уреден со нов Закон за стручно образование и обука“, најави министерката.
Таа потенцираше дека Министерството за образование и наука (МОН), како и досега ќе продолжи со поддршката за учениците кои се запишани во средните стручни училишта. Информираше дека наскоро ќе биде објавен конкурсот за доделување на ученички стипендии во повеќе категории, меѓу кои и за учениците во дуалните паралелки и дефицитарните струки, кои имаат можност да добиваат по 3500 денари за 9 месеци во годината.
[Видео] Дуалното образование за средношколци подучува на дисциплина и вештини за работа
[Видео] Дуалното образование е двонасочен процес од кој бенефит имаат и учениците и компаниите