„Линкин Парк“ најави нов албум со нова вокалистка

„Линкин Парк“ во четвртокот настапи во живо, за првпат по смртта на вокалистот Честер Бенингтон во 2017 година. Бендот се врати на сцената со нова постава: пејачката Емили Армстронг и тапанарот Болин Бритајн кои отсега ќе им се придружат на членовите Мај Шинода, Бред Делсон, Феникс и Џо Хан.

Шинода и Армстронг ќе ги делат вокалните „должности“.

Новата постава на бендот настапи со новиот сингл „The Emptiness Machine“. Стилот и изведбата на Армстронг совршено го продолжува наследството на бендот. Нејзиниот вокал потсетува на Бенингтон што е евидентно и во втората песна од настапот во четвртокот, „Somewhere I Belong“.


„Ова е многу посебен ден за нас. Во улогата на Честер Бенингтон ова попладне е секој од вас“, се обрати кон публиката Мајк Шинода.

Бендот најави и нов албум „From Zero“ кој ќе излезе на 15 ноември годинава.

„Линкин Парк“ е еден од најкомерцијалните рок-рап бендови кој се оформи во 2000-те. Голем придонес за тоа има Честер Бенингтон кој на 41 година почина од самоубиство, кратко по издавањето на нивниот последен албум „One More Light“.

Во последниве години „Линкин Парк“ објави бројни ре-изданија, вклучувајќи ги и јубилејните 20-ти изданија на „Hybrid Theory“, „Meteora“ и годинава компилација од најголемите хитови, „Papercuts“.