Повеќе средства за инфраструктура и модернизација на основните и средните училишта и вложување во обучување на квалитетен наставен кадар, подигање на наставничкото достоинство и финансирање на подобро организиран училиштен транспорт беа темите кои се отвороија на денешната панел-дискусија „Образование водено од реалните потреби на учениците – паметно инвестирање во наставниот кадар и инфраструктура“.
Прва панелистка беше Вера Кондиќ Митровска која се осврна на анализата што УНИЦЕФ и Здружението истражување и анализи (ЗМАИ) го спроведоа во 10 општини со наставници, ученици, родители и директори и градоначалници.
„Учениците сакаат да имаат повеќе воннаставни активности, сакаат да можат тие да избираат и тоа на други начини, не на начин на кој е наставата, туку согласно нивните интереси и нивните потреби. Во подрачните училишта тие би сакале да учат со своите соученици, да бидат во поголеми паралелки, затоа што таму ќе може да имаат поголема интеракција и на тој начин да постигнуваат подобри резултати. Во однос на префрлањето од оние училишта коишто се подрачни, каде има помал број на ученици, проблемот беше лоциран во транспортот. Тоа беше споменато од сите клучни фактори: и од наставници, од родители, од ученици и од општината. Учениците викаат дека сакаат да имаат подобар транспорт. Затоа што честопати се случува тие да треба да излезат од настава затоа што тогаш доаѓа превозот и мораат да одат и понекогаш мора да чекаат долго време за да се вратат дома“, истакна Кондиќ Митровска.
Од другата страна на клупите, наставниците, особено тие кои работат во комбинирани паралелки, се жалат на условите за работа и патните трошоци. Некои од наставниците, според истражувањето, треба да патуваат и во неколку други подрачни училишта и тоа честопати ги чини повеќе и додатокот на плата што го добиваат за работење во потешки услови.
Родителите, како што рече специјалистката за образование, се изјасниле дека сакаат наставниците повеќе време да им посветуваат на учениците.
„Па и во услови кога немаат просторни услови, тие викаат зошто не се организира онлајн настава кога ќе се вратат дома, во одреден период да се даде поддршка како што тоа сега го прават со приватни часови“, рече таа.
Наставниците во магичен круг
Кондиќ Митровска посочи дека вложувањето во наставниците е клучна работа бидејќи времињата се менуваат и се бараат нови компетенции, интерактивен пристап кон наставата.
„Од онаа улога порано што ја имал наставникот, каде што бил пренесувач на некакво знаење, сега се повеќе ни требаат наставници кои ќе ги насочуваат, ќе ги менторираат ќе им покажуваат од каде да дојдат до знаењето“, истакна таа.
По неа се обрати Емиљ Сулејмани, поранешен декан на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ каде се образуваат наставните кадри. Сулејмани веднаш посочи дека многу малку студенти се запишуваат на наставните насоки од природните науки како математика, биологија, физика што води до дефицит и како што рече, некомпетентен кадар во предметната настава во основното и средното образование.
„Според мене, причината за тоа е последниве години, можам да кажам 30 години наназад, наставничката професија и наставникот не се на општествената позиција каде што треба да бидат, има пад и на честа и на угледот и на професијата наставник“, рече професорот.
Како што додаде, Педагошкиот факултет е отворен за соработка и реформи да помогне да се промени ваквата слика, но голема помош ќе треба и од Министерството за образование и наука кое е чадор на образовниот систем.
„Случајно вчера видов дека има само 3 студенти на Физика за цел факултет, а има 17 наставници односно мои колеги .Јас тука го гледам проблемот. Ние како факултет би се позиционирале околу позицијата на наставникот во општеството. Сведоци сме на разно-разни закани и уцени од страна на родителите, па и од страна на општеството во целина кон професијата наставник – една од најсветите професии“, нагласи Сулејмани.
За новите наставнички профили зборуваше и третата панелистка, Елена Ивановска која е државен секретар во МОН.
„Сакаме да видиме наставници кои имаат компетенции во современиот век односно да можат да бидат во тренд со сите иновации што се случуваат во светот, но и да можат да ги применат во наставата. Не помалку битно е и тие наставници коишто ни се во процесот да ги следат тие треднови“, поентираше таа.
Ивановска даде препорака и за градоначалниците – да не гледаат на својата позиција во образованието само како на можност за вработување.
„Да, поставете директор, но поставете го најдобриот. Најдобриот директор најдобри ќе го менаџира училиштето и ќе ги избере најдобрите наставници. Наставниците ни се најклучен фактор во образованието“, рече таа.
Одговарајќи на прашање од присутните, министерката за образование, Весна Јаневска која остана до крајот на настанот, проблемот го лоцираше во „пишувањето петки“.
„Нашите деца се полседни на ПИСА, нашите деца на матурата имаа оценка 2,9, на нашата матура на којашто препишуваат. Ние имаме проблем со пишување на петки, со непочитување на знаењето, на некомпетитивност, на купување на дипломи, на родители кои имаат амбиции моето дете да биде нешто, а неговото дете не е за тоа. Она што педагошкиот факултет треба да го даде, е како да се надминат овие проблеми“, потенцираше Јаневска.
Министерката им се обрати на универзитетските професори кои го следеа настанот со најава за средба во која, како што рече треба да разговараат како наставничката професија да им се добилижи на студентите, како да ја засакаат за да ја работат правилно.
„И кога сме кај платите јас имам намера јавно да ги замолам сите универзитетитски професори да се откажат од покачувањето 30% во јануари, немојте да ми се лутите, вие нема тоа да го направите и имате право да го добивате, но ако ги споредите вашите плати со платите на наставниците кои се потпросечната плата, а сите велиме дека треба да им ја покачиме платата, кај да најдеме пари ве прашувам? Јас бев на вашата страна и секако сум сакала да имам голема плата и секако професорите треба да имаат голема плата, оти тие треба да се двигатели на целото општество. Универзитетите треба да ја креираат, според моите лични видувања, политиката на целата држава. Треба сами да ја направите таа реформа да дојдете со нив во класот и да видите како предаваат. Ако нашите наставници им дозволија на матура да препишуваат на децата, што мислите што се случува во класот? Ако вие не им покажете што треба да направат ова ќе биде многу долготрајна реформа, а ние немаме време за тоа“, рече Јаневска.
Како можно решение за унапредување на наставничката професија, професорот Сулејмани посочи на едносместралната психолошка, педагошка и методска програма за идни наставници на Педагошкиот факултет, што сега е соодветна за наставници од ненаставни факултети како лекари, инженери, архитекти. Но, проблемот е вели, во биологија, физика, хемија, математика.
„Размислував како би можеле таа активност што ја имаме на факултет да ја преобразиме, нашите наставници да имаат компетенции да бидат наставници во предметаната настава, а тоа бара широка анализа и богата дискусија, особено со ПМФ каде што ги имаат овие насоки и освен тоа имаат насоки со двопредметни програми каде што за жал многу мал број, а некаде и воопшто нема студенти“, забележа Сулејмани.
Други начини за инвестирање во образованието
Статиските на ЗМАИ покажуваат дека голем број од учениците ни учат во централните училишта, што остава само 10% во подрачните.
„Потребни се 28 милиони евра за да го постигнеме она што ни е цел: едносменско работење, мотивирачко ученичка средина, целодневна настава. За да ги ставиме и останатите 70 општини со исти услови за сите ученици се потребни уште 80 милиони евра“, информираше државниот секретар во МОН, Елена Ивановска.
Таа потсети дека Владата, односно МОН и Министерството за локална самоуправа најавија 250 милиони евра за поддршка на општините за инфраструктура во училиштата.
„Ќе дадеме предност на оние општини кои ќе треба да се оптимизираат. Оптимизирањето не значи затворање: во моментов ставаме клуч во училиштето, туку да ги искористиме максимум условите кои ги имаме и да ги подобриме за децата на крајот да го добијат најдоброто“, истакна Ивановска.
Четврти кој се обрати на панелот беше актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Тој накусо порача дека општините не треба да чекаат само на блок-дотациите што ги добиваат од владата, бидејќи тие се доволни да ги покријат само платите на наставниците.
„Во изминативе три години јас, во мојата општина обезбедив компјутер за секој наставник сире кабинети по информатика да се со најсовремена опрема. И тоа е процес во којшто вие треба да делувате ‘out of the box’, односно да замолите некоја посериозна компанија да ви помогне за истото, по пат на донации да го остварите итн. Што се однесува до болк-дотациите, никогаш не би успеале. Или, последниот проект што спроведовме со прочистување во сите 220 училници – ако чекаме на блок-дотациите можеби ќе ни требаат 15-20 години да го псорведеме проектот“, нагласи градоначалникот.
Ангела Бошкоска
Фото: Радио МОФ