Британскиот електро бенд „Кошин“ своите 25 години постоење ќе ги прослави со концерт во Скопје, на 26. издание на фестивалот „Таксират“. Концертот ќе се одржи во рамки на офф-програмата на фестивалот на 18 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ) во 20:30 часот.
„Предводени со извонредниот глас и енергија на харизматичната пејачка и текстописец Шиан Еванс (Siân Evans), бендот „Кошин“ ја стекна светската слава благодарение на хитот „Hide U“ од платинестиот дебитантски албум „Resist“ (2001), а следуваа и кросовер хитовите „Catch“, „Hungry“ и „All In My Head“. Нивната кариера брои пет студиски албуми со кои стекнаа репутација на култен претставник на музиката од почетокот на веков. Достигнувајќи ново ниво на страст и длабочина, таа ги доведе музиката и настапите на оваа група до совршенство“, велат од Пасворд продукција.
На концертот на 18 октомври во скопскиот МКЦ, „Кошин“ ќе ги изведе најдобрите нумери од својата 25-годишна кариера. Билетите се веќе достапни онлајн и во продажната мрежа на МкТикетс, со промотивна цена од 800 денари, која е резервирана само за првите сто купувачи, а потоа почнува да важи следната цена, односно 1000 денари.
Во рамки на офф-програмата од Пасворд ги најавуваат и концертите на „Свемирко“ на 16 ноември во „Станица 26“ и „Апокалиптика“ на 29 ноември во Арена „Борис Трајковски“, но и, како што велатм, многу други пред главната фестивалска вечер, кои наскоро ќе бидат објавени.
Инаку, „Кошин“ пред две години беа на „Д-фестивал“. Повеќе за тоа како си поминавме на настапот прочитајте во продолжение.