Вело-бус и маалска дружба со „Гоу Грин“ низ неколку скопски општини

„Гоу Грин“ во периодот од 16 до 20 септември организира вело-бус и маалско дружење во општините Кисела Вода, Гази Баба, Центар и Аеродром кои се наменети за деца и родители на велосипеди, тротинети, ролери кои заеднички ќе се движат кон училишта и градинки.

„Вело-бусот ќе тргне во 30 минути пред првиот школски од првата постојка и ќе помине низ населбите, застанувајќи на неколку вело-постојки од кои ќе ги земе децата и нивните родители, кои заедно ќе се повозат низ населбите до своите училишта и градинки. Ова е одличен начин да го намалиме метежот од возила, загадувањето и да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот“, велат од организацијата.

Рута на вело-бусот е достапна на овој линк.

Маалско дружење во населбите ќе биде меѓу 8:00 и 12:00 часот, по завршувањето на вело-бусот.

„Ќе организираме маалски игри и активности на различни јавни простори низ општините. Ова е настан за сите генерации, каде ќе се играат традиционални игри како школка, ластик, скокање јаже, и ќе се одржат уметнички активности и настапи на локални хорови. Целта е да се поттикне меѓугенерациска соработка и да се врати духот на заедницата во јавниот простор“, соопштуваат од „Гоу Грин“.

Сите жители на општините и градот се поканети да учествуваат, без оглед на возраста и интересите.

Детали за настаните во секоја општина можат да се погледнат на социјалните медиуми на Гоу Грин. Погледнете кој ден вело-бусот ќе поминува низ вашата населба.

Настанот се орагнизира во рамки на активностите на одбележувањето на Европската недела на мобилност, која оваа година се фокусира на важноста на споделениот јавен простор. Во периодот од 16 до 22 септември, низ цела Европа се организираат активности кои ги поттикнуваат граѓаните да размислуваат за одржлива урбана мобилност и подобро користење на јавниот простор.