„Монумент за неродените“ е четврта самостојна изложба на македонскиот автор Иван Аџиевски која ќе се отвори на 23 септември со почеток во 19 и 30 часот во Монтажната галерија во паркот на Франкофонија. Таа претставува концептуален проект во кој преку ликовната уметност авторот се обидува на пошироката јавност да ѝ покаже критицизам на реалната општествена состојба како причина за миграцијата на младите од државата.
„На изложбата се презентирани фотографии принтани на платно кои се модифицирани со абстрактен пристап со употреба на злато како медиум, создавајки 12 нови уметнички дела-слики на кои се прикажуваат (во реалноста непостоечки) монументи подигнати во презентираниот простор од Македонија во чест на неродените, изгубените генерации како и отселените граѓани од државата“, посочува уметникот.
Тој додава дека прикажувањето на абстрактно насликаните монументи во природниот простор не е случајно, со тоа се прави паралела на недопрената чиста природа со која може да се гордее Македонија и нечистата перверзна политичка сцена во последните 20 години која доведе до постоечката економско-социјална состојба во државата како директен причинител за намалениот наталитет и младинската емиграција.
Изложбата „Монумент за неродените“ е дел од програмата на Центарот за современи уметности во Скопје за изложби во 2024 година.