Овогодинешното трето по ред книжевно признание „Штефица Цвек“ го добија седум книги од регионот, од вкупно 153 номинирани наслови. Прогласувањето на книжевниот избор се одржа во Историскиот музеј на Босна и Херцеговина во рамки на Фестивалот за женска уметност и активизам „Пичвајз“. Додека признанијата на добитничките ќе им бидат врачени во рамки на програмата на Културтрегер/Букса „Ревија на мали книжевности“ во Загреб, во октомври.
„Низ неколку кругови на жирирање изборот на крајот се сведе на 7 добитнички изданија! Наместо да избере само еден победник, ‘Штефица Цвек’ го слави колективното влијание на овие дела кои ги предизвикуваат конвенциите, поттикнуваат критичка мисла и нудат нов поглед на горливите прашања на нашето време“, истакнуваат организаторите.
За конечниот книжевен избор, именуван според хероината на феминистичкиот класик на Дубравка Угрешиќ, одлучуваше жири-комисијата составена од членките Маја Абаџија од Босна и Херцеговина, Дара Шљукиќ од Србија и Мања Величковска од Македонија. Додека, првиот круг на жирито го сочинуваа Ања Томљеновиќ, Грација Атанасовска, Иван Шуњиќ, Марија Божиќ, Марија Бошковска, Милица Улемек и Филип Кучековиќ.
„Веруваме дека книгите кои ги бираме ги поместуваат границите на современата книжевност на поранешните југословенски простори и создаваат нови светови во кои отпорот и надежта се повторно можни. Сите овие дела се неопхопдни и сите го заслужуваат вашето внимание бидејќи продолжуваат да инспирираат дијалог и да поттикнуваат промени“, наведува жири-комисијата во соопштението.
Така, со признанието „Штефица Цвек“ награден е романот „Стрвинари старог свијета“ на Теа Тулиќ (Oceanmore, 2023).
„Меланхолична и топла приказна за тричлено, а потоа двочлено, семејство кое живее на хрватското приморје, на преминот од осумдесеттите до денес. Се работи за ретко успешен роман, на ниво на јазик, тон, композиција, карактеризација на ликовите, приказот на односите меѓу ликовите, па дури и во градењето на заплетот“, се вели во описот на книгата.
„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска (ТРИ, 2023) ја добива заслугата за, како што велат оттаму, маестрално спојување на геополитичките тензии со сложените семејни динамики.
„Истражувајќи ги актуелните проблеми предизвикани од војните, окупациските политики и неоколонијализмите, романот е еден од ретките примери на слоевит книжевен квалитет“, додава жирито за книгата.
Аудио-интервју со Лидија Димковска, авторка на „Единствен матичен број“ кој е Роман на годината 2023
Дебитантскиот роман на авторката Ева Симчиќ „Четири лакта унутра“ (V.B.Z., 2023) плени со автентичноста на нејзината емигрантска приказна, забележува жири-комисијата.
„Трагајќи по прескапи станови за изнјамување, помеѓу чудни познаници, во ходниците на чекалните или во безбедноста на спомените, нараторката сфаќа дека мора да помине долг и болен пат за да разбере дека нејзиниот лек и дом се во неа самата“, истакнуваат тие.
„Куќа се није мрднула“ на Јелена Анѓеловска (Партизанска книга, 2023) е поетско-драмска и прозна стихозбирка, во која песните „се случуваат“ на покриви од згради, во куќи и во бегалски станови. Збирката ја обработува темата на куќата низ бегалското искуство, губењето на домот, потстанарскиот живот, наследувањето имот и во сигурната куќа на една лезбејска организација. Според жирито, успехот на оваа книга се отсликува во обработувањето на војните и на различните форми на насилство на трогателен, но паметен начин, без патос и патетика.
„Во хаосот радост“ на Калиа Димитрова (самиздата, 2023) е книга која се истакнува поради храбрата духовитост, непретенциозната циничност и умешноста во пронаоѓањето радост во тесногледата култура на доцнокапиталистичкиот и хетеропатријархален хаос. Според изјавите на жири-комисијата, поезијата на Димитрова го слави пријателството и избраното семејство, разноликоста на квир световите, и сето она што прави да чувствуваме спокој и радост во нашиот мал и потребен интимен хаос.
„Марија Андријашевиќ во книгата ‘Темељене куќе’ (Фрактура, 2023) постигнува прецизен баланс меѓу експерименталноста и комуникативноста. Во секој од прозно-поетските ‘блокови’ што ја сочинуваат оваа книга доминира самосвесен женски глас кој промислува тема која недоволно се дискутира во локалната книжевност- родовиот аспект на наследувањето имот. Тематската одважност на авторката е поткрепена со внимателно осмислен концепт и возбудлив, непретенциозен лирски исказ“, појаснува комисијата за изборот на ова дело.
Овогодинешното признание е доделено и на изданието на групата автор(к)и на книгата „Жене БиХ за дијецу – илустровано путовање с изузетим женама из прошлости“ (Сарајевски отворени центар, 2023) чија вредност, посочува жирито, лежи токму во тоа што, потпирајќи се на богатата традиција на жанрот и учејќи од неа ја покажува неговата широчина и слоевитост.
„Педагошкиот елемент кој отсекогаш бил присутен во слични книги, овде е експлицитно обмислен и разработен на ниво на прашања, упатства, задачи и информации, Текстовите во оваа книга ја премостуваат границата меѓу историјата и литературата“, наведуваат тие.
Книжевниот избор „Штефица Цвек“ оваа година го имплементираа организациите „Побуњене Читатељке“ од Србија, „Културтрегер/Букса“ од Хрватска, „Коалиција Маргини“ од Македонија и „Narratorium“ од Босна и Херцеговина. Овогодинешниот избор го поддржаа „Western Balkan Fund“, „Rekonstrukcija Zenski Fond“, „La Тerra Nostra“ и „Book & Zvuk“.